Наближуваат годишните одмори, а од Брисел и земјите членки на ЕУ нема одговор за чекањето на граници по воведување на новиот систем на премин на границите од Шенген зоната со земање на биометриски податоци. Ништо ново ни од Грција, до каде туристичките агенции испратија писмо со барање за привремено запирање на системот во период по 10 јуни.
Неофицијалните најави беа дека со 15 мај одговор, меѓутоа, како што потврди и македонскиот министер за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, засега нема ништо ново. Муцунски во одговор на пратеничко прашање во Собранието потврди дека во неколку наврати од негова страна е покренато прашањето со границите со барање за изнаоѓање на решение за чекањето.
Прашањето Муцунски го адресирал на минатонеделниот состанок на министри за надворешни работи на земјите членки на Европската унија со земјите од Западниот Балкан.
-Лично бев првиот министер од регионот којшто го отвори ова прашање. А исто така разговараме и билатерално со земјите од регионот. Со министерот за внатрешни работи Тошковски пред неколку недели исто така беше во Грција каде што разговараме и дискутираме за како да се најде решение колективно за целиот регион. Зошто велам колективно? Затоа што веста којашто излезе дека граѓаните на Србија се исклучени од ентири/егзит системот е лажна вест, неточна информација. Точно е дека се појави во неколку медиуми, но јас наредниот ден таа информација ја нареков „политичка естрада“, затоа што е нешто што е апсолутно неточно и согласно правилата на Европската унија. Ние таков тип на индивидуален исклучок прво не може да се направи, а второ ако ги погледнете и состојбите на граничниот премин, таква одлука не може да се имплементира. Кога ќе се создаде гужва не може да се направи една лента на со колона само за граѓани на одредена земја“, рече Муцунски.
Министерот рече дека во тек се разговори и со институциите на Европската унија и со земјите членки за во летниот период кога ќе настанат најголемите гужви да постои некој систем преку којшто ќе има олеснувања.
-Во моментот бидејќи ништо не ни е официјално потврдено, за жал, и јас ништо не можам официјално да потврдам, но очекуваме како регион соработувајќи со земјите членки коишто и самите не сакаат вакви гужви, да има подобри услови од тие услови коишто ги имаше во последниот период“, кажа Муцунски кој демантираше дека е можно индивидуално исклучување на одредени земји.
Грција веќе одлучи да направи исклучок на границите за државјаните од Обединетото Кралство, кои годишно се околу 3,5 милиони туристи, што е една од најбројната странска туристичка група.







