Собирање на десет илјади потписи се амбициите на здружението „Еко правда“, преку покренување на онлајн петицијата против предложените измени на Законот за минерални суровини и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство.
Покренувачите на петицијата сметаат дека предложените измени отвораат сериозни прашања од јавен интерес и носат потенцијални ризици кои директно влијаат врз животната средина, приватната сопственост и квалитетот на живот.
„Предложените измени создаваат реален ризик од негативни последици по јавниот интерес, вклучувајќи: Олеснето доделување концесии и отворање нови рудници, со што се зголемува притисокот врз природните ресурси. Проширување на можностите приватни субјекти да иницираат проекти од „јавен интерес“, без доволно јасни критериуми. Потенцијална злоупотреба на поимот „јавен интерес“, што може да резултира со експропријација на приватен имот. Долгорочни последици врз животната средина – загадување на вода, почва и воздух, како и ризици по здравјето на населението, особено во локалните заедници, пишува во повикот до граѓаните да ја потпишат петицијата.
Здружението е загрижено поради скратената постапка со која се носат измените, без доволна јавна расправа и без суштинско учество на стручната и граѓанската јавност.
Поради тоа, бараат итно повлекување на предложените законски измени и организирање на широка, инклузивна јавна расправа, со активно учество на експерти, граѓански организации и локални заедници. Потоа целосна транспарентност во сите постапки поврзани со концесии, експлоатација на природни ресурси и јавно-приватни партнерства и јасно дефинирање и заштита на јавниот интерес, со приоритет на заштитата на природните ресурси и здравјето на граѓаните.
Станува збор за долгорочната заштита на природните ресурси и условите за живот во државата, сметаат од „Еко правда“.
Предлог законските измени се во комисиска процедура, каде пратениците од Левица поднесоа 507 амандмани, со цел да се успори постапката. Поради амандманите, власта го проби рокот за носење на законите за минерални суровини и концесии и деловнички треба да се врати со постапка од почеток, која може да почне по три месеци.






