Пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски до Собранието доставил Предлогот на одлуката за објавување јавен оглас за именување претседaтел на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад РКЕ). Предлогот е примен денеска, четири дена откако Собранието ја констатира оставката на досегашниот претседател Марко Бислимовски. Преку јавен оглас, ќе се бара претседател, кој ќе ја води РКЕ со диплома во областа на електротехниката, машинството, техничките науки, технолошките науки, животната средина и ресурси или градежништвото. Се бара најмалку 15 години работно искуство, од кои најмалку 10 години работно искуство во областа на енергетиката, односно во обезбедување на водни услуги или управување со комунален отпад.
Најчесто споменувано име за наследник на Бислимовски е Ацо Ристов, поранешниот градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО ДПМНЕ (2021 – 2025), кој не беше кандидиран за втор мандат. На Локалните избори во октомври лани беше кандидиран и победи секретарот на општината во време на Ристов, Љупчо Почивалец.
Ристов е сопственик на компанијата за проектирање и изградба на мали хидроцентрали „Алфа инжинеринг“, која според пишувањето на „Фактор“ од минатата недела е предадена во сопствеништво и управување на сметководителката од Радовиш, Ѕвезда Андонова.
Во време на градоначалничкиот мандат на Ристов, напредуваше и неговата сопруга, судијката Данка Ристова, која од Апелациониот суд во Штип замина во Судскиот совет.
Ацо Ристов го потврди својот интерес за прв човек на Регулаторната комисија за енергетика. Собранието веќе има распишано јавен оглас за член на РКЕ со завршување на мандатот на еден од седумте членови.
Според податоците на Скуп на почетокот на мандатот како градоначалник, Ацо Ристов пријавил имот кој е во вкупна вредност од 627.326 евра. Тој има земјишта, куќа за одмор во Радовиш, како и два стана во Скопје. Пријавени се и средства како девизен депозит, денарски депозит, како и на трансакциона сметка. Од заеднички имот пријавена е куќа во Радовиш. Неговата сопруга во пријавниот лист до ДКСК дала податок и дека нејзиниот сопруг поседува градежно изградено земјиште – А4-1 хотели од 92 квадрати во Карпош, Скопје во вредност од 7,5 милиони денари, а во нејзина сопственост е куќа од 565 квадрати во вредност од 3,5 милиони денари.
Марко Бислимовски не беше ни на половина од вториот мандат, на 12 февруари си поднесе оставка, откако против него беше поднесена кривична пријава за ненавремено одземање на лиценца на фирма за складирање деривати.





