Се работи на мапирање на ризичните подрачја од поплави но и на мерки за управување со водите во услови кога 80% излегуваат од државата

Поплавата во Стајковци во 2016 година, која однесе 22 човечки животи се’ до неодамна се сметаше за природен феномен што се случува на секои 1000 години. Меѓутоа, ова повеќе со сигурност не може да се тврди, бидејќи со климатските промени многу нешта се непредвидливи. Поради тоа, системот и населението најмалку што можат да направат е да подготват соодветен одговор. Но, што конкретно направи системот да се подготви за вакви катастрофи?

Направени се повеќе студии, а во 2020 година и основен проект за одводување на вода што би надошла во иднина. Како што објасни во емисијата „Стадион“ Драган Ивановски, експер за анализи и ризици од поплави, тука се работи за регионален проблем во кој се вклучени повеќе општини Арачиново, Гази Баба, Петровец и Илинден. 

-Сите се инволвирани во тоа решение, кое предвидува ако се зафатат водите од Скопска Црна гора кои водат кон Арачиново, општина Петровец да завршат до Траор каде ЈП Водостопанство има систем на одводување на водата. Тоа остана на проект, рече Ивановски, кој смета дека треба да се покрене свесност за итноста од реакции во случаи на поплави. 

Тим собран преку проект на Европската унија, интензивно работи на активности за  идентификување на реони ризични за поплави, по што потоа се ставени на карта преку мапирање на ризични делови по сите речни сливови, а се подговуваат и законски измени за одговор на системот на поплави. Општините од своја страна, треба да изготват планови за одговор на поплави.

-Таквите планови треба да бидат инструмент од кои ќе знаеме како да постапиме кога ќе дојде до промени. Многу бизниси треба да го променат своето работење и дефинитивно граѓаните начинот на однос кон водата.Потребно е да ја подигнеме одговорноста на локално ниво. Не смееме да зборуваме дека државата е одговорна за се’, оперативно е одговорна општината, рече Јадранка Иванова, правен експерт за животна средина и климатски промени.

Преку досегапните активности, се детектирани сите област во Македонија со потенцијален висок ризик од поплави, при што е утврдено дека во целата држава имаме потенцијално ризични локации од поплави. Како што објасни Ивановски, ако имаме 9.500 километри речна мрежа, од нив  околу 10% парцијално се низводни потенцијални ризични места од поплави во сите 10 речни сливови.

 Анализирани се историските поплави, топогографски, геолошки и педолошки патаметри, потоа,  користењето на земјиштето, урбанизацијата и врз основа на овие параметри се идентификувани ризичните подрачја. На основа на овие сознанија во следната фаза на проектот се изработени мапи на ризик, со тоа со колкава брзинина може да се јават поплавите, со хидролошки и хидраулички зони, со каков интензитет, со каква зачестеност со одредена веројатност на повторување. 

-Следно е дефинирање колкави се ризиците, имаме обем и длабочина на поплавите, но за да се дефинираат ризиците,треба да ја видиме изложеноста на поплави – дали е урбана, рурална, ниви, пасишта, обработено земјиште. Од ранливоста – ако е населено подрачје имаме човечки животи, ако е со земјоделска дејност материјална загуба… сето тоа не’ води во анализа на ризиците. Една е изложеноста, ранливоста, па доаѓаме до ризикот, вели Ивановски.

Експертите велат дека многу губиме вода, а само загубата во водоводните системи е околу 60%. Климатски – паѓа иста количина дожд, но се случува таа иста количина сега да е распоредена во многу помалку денови. Ако порано таа иста количина беше во 180 дена, сега е во 100 дена или 60 дена.  Поради тоа, велат експертите, потребни се плановите за одговор.

-Планот треба да достави мерки до институтициите кои треба да ги направат оперативни. Општините да планираат мерки, а заедно со Водостопанство секоја година да доставуваат извештај до Управата за животна средина дали имало ризик, каде, што направиле, кои мерки ги спровеле… И врз основа на тие податоци да се достават извештаи до владата и на тој начин да се крене вниманието за поплавите и кај владата, рече Ивановска.

За да профукционира целиот систем, кој наново се креира со конретни надлежности и одговорност, потребни се средства, кои сега делумно се собираат од користењето на водите, но проблем е што тие средства не се до крај транспарентни ниту точно се знае каде и колку се собираат. Ова е став на Љупка Димовска Зајков, помошник раководител на секторот за води за МЖСПП, министерство кое во новиот систем ќе биде централното за управувањето со водите. Со новата поставеност, преку законските измени ќе биде јасно кажана кој што прави, но и ќе се подобри институционалната одговорност, но на крај треба да биде финансиски издржлива, што не е случај со сегашната поставеност.

-Без средства колку и да се големи напорите и без јасна финансиска конструкција, тешко да може да се одговори. Треба да се подобри тој концепт на собирање на средства и насочување на средвата за води во води. Надоместокот за води да се враќа кај водостопанските претпријатија, кај општините, кај јавните претпријатија, рече Димовска Зајков. 

Средствата за водите не се само од граѓаните, туки и од донатори, се собират во Сектор води врз основа на дозволи за испуштање на отпадни води и експлоатација на песок и чакал, но ова не е доволно и не е на начин целосно опфатено. Освен тоа, се собираат во државнит буцет, поради што не се знае ниту колку се, не е јасно и транспарентно. Ќе треба да се направи поголема финансиска трансформација, со друг финансиски концепт.

Димова Зајков вели дека не сите плаќаат редовно и овие средства не секогаш се реално прикажани и се препраќаат во Секоторт за води, каде  немаат можност да видат колку се собираат. Целта е средства од води да одат за води, но сега тоа не е целосно можно.  Стара вест дека во целата држава има само двајца водостопански инспектори, поради што контролата е недоволна.

Овие мапи кога ќе бидат предадени на институциите ќе треба да бидат основа за донесување на одлуки и планирање во општините со точно утврдени подрачја на ризик. Секоја општина што ќе ги има, ќе може урбанизира, да планира, а граѓаните со имот ќе може да бидат поохрабрени во системот на осигурување каде ќе го заштитат својот имот. 

Овие планови за управување со ризици, согласно директивите на ЕУ, се ажурираат на секои 6 години. Преку проектот, се создава национална дата база во дигитална форма. На државно ниво МЖСПП ја има главната улога, на технично оперативно ниво – УХМР, која има задача да ги прибере сите податоци од нивната мрежа, од радарскиот систем, кој дава предвидувања и тие се основа за известување.

Има алатки за прецизна временска прогноза, мапите на ризик ќе треба да ги преземе УХМР и на база на тоа може да има предупредувања. ЦУК е третата институција која ги информира општинските центри, потоа ДЗС и во зависност од степенот на аларм, се активираат и мерките што треба да се преземат – пр. активиран план за евакуација, активирана противпожа служба и сл. 

Општините имаат централна улога на локално ниво и тоа не само со мерки за справување со поплави, туку и со мерките за предупредување, вклучитлено и кампањи за подигање на свест, но и  подготвување на урбанистички планови базирани на мапите на ризици.

Македонија е земја богата со води, но дури 80 отсто од таа вода излегува надвор од земјата поради што треба паметно да се управува со водите преку зачувување – резервирање на водата и реупотреба, велат експертите. 

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ