Се сеќавате на „Филмске новости” пред прикажувањето на филмовите во кино? Со донација од „Авицена“ станува сопственост на Кинотека

Постарите генерации добро го паметат името на „Филмске новости” – збир на информации за случувањата во Македонија и пошироката федерација СФРЈ, кои се прикажуваа пред почетокот на секој филм во кината. Журналот, кој се подготвуваше и прикажуваше во периодот од 1957до 1972 имаше снимени материјали од животот случувањата во тогашната Република Македонија. Овие материјали од историско и општествено значење за државата, со финансиска донација од специјалистичката дијагностичка лабораторија „Авицена”, ќе бидат откупени од Кинотека на Македонија.

Утре напладне, во просториите на Порта Македонија во Скопје ќе се одржи прес-конференција со која се најавува ретка соработка помеѓу приватниот сектор и националната културна институција.

„Филмске новости” беше посебно одделение на белградското претпријатие за производство на филмови „Звезда-филм”, за во 1950-тите да се осамостои како посебна „Сојузна установа Филмске новости”. Филмските журнали кои ги произведуваше – памети постарата кино-публика – беа прикажувани пред проекциите на играните филмови ширум кината во Југославија, а претставуваа кратки информативни филмови за актуелни случувања во државата. Пред појавата на телевизијата тие беа и единствени аудиовизуелни записи преку кои населението се информираше на пример за отворањето и работата на индустриските капацитети, реализирањето на одредени стопански политики, посетите на странски делегации и на познати светски личности, различните аспекти на општествено-политичкиот живот во Југославија, сегментите од културно-забавниот живот, спортските натпревари и настани, но и за природните непогоди и катастрофи кои го погодуваа регионот (како поплавите и Скопскиот земјотрес).

Кинотеката располага со одредена количина филмски журнали на „Филмске новости” и досега ги има откупено речиси сите епизоди до 1956 година, но благодарение на донацијата на „Авицена” оваа зборка значајни историски сведоштва ќе биде збогатена со материјал за уште две децении.

На прес-конференцијата која ќе се одржи во Порта Македонија во 12.00 часот напладне (среда) за самата донација ќе зборуваат Бошко Грујоски, директор на Кинотеката, Сунчица Веселиновска – Советник филмолог,  а за значењето на филмската историска граѓа проф. д-р Митко Панов и проф. д-р Драгица Поповска  од Институтот за национална историја, како и директорот на Музејот на македонската борба Анче Илиевска.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ