Сите ги соблече за сега да биде блокиран – ботот Грок на Х со скратени можности

„Грок, облечи ги во бикини“ – е едноставното барање до вештачкиот четбот на мрежата Х, сопственост на Елон Маск по кое многу јавни личности, деца, жени завршија голи или полуголи на мрежите. Грок постапува по фотографии на реални личности, меѓу кои беше и таа на семејството на премиерот Христијан Мицкоски, кои по барање на некој од македонските корисници на Х, завршија во бикини.

Од почетокот на јануари, илјадници жени и тинејџерки, вклучувајќи и јавни личности, пријавија дека Грок ги злоупотребил нивните фотографии објавени на социјалните мрежи и ги облекол во бикини. Има критики низ целиот свет за сексуализираните слики на жени и деца, вклучувајќи забрани и предупредувања од некои влади.

Европската унија започна истрага за алатката за фалсификување, Малезија и Индонезија презедоа правни мерки за да го блокираат пристапот до Грок. Велика Британија исто така започнаа истрага за потенцијални прекршувања на законите за онлајн безбедност. Франција и Индија издадоа предупредувања и побараа строги контроли. Бразил побара истрага за злоупотребата на Грок.

Синоќа американската држава Калифорнија за отворање истрага за неовластена дистрибуција на сексуално експлицитен материјал произведен со употреба на Грок. 

„Лавината од извештаи за сексуално експлицитен материјал без согласност, произведен од xAI и објавен на интернет во последните недели, е шокантна. Тој материјал, кој прикажува жени и деца голи во сексуално експлицитни ситуации, е наменет да вознемирува луѓе на интернет. Имаме нулта толеранција за создавање и ширење интимни слики од вештачка интелигенција без согласност или материјал за сексуална злоупотреба на деца“, изјави државниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта.

Европската комисија денеска му наложи на X да ги задржи „сите интерни документи и податоци поврзани со Грок“, што претставува ескалација на тековната истрага за политиките на X за модерирање на содржини, откако ги нарече сексуално експлицитните манипулирани дипфејк фотографии „нелегални“, „ужасни“ и „одвратни“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, остро ја критикуваше социјалната мрежа X за ширењето на сексуално експлицитни дипфејкови, создадени од нивниот вештачки четбот Грок.

„Згрозена сум што оваа технолошка платформа им овозможува на корисниците дигитално да ги соблекуваат жените и децата преку интернет. Тоа е незамисливо однесување, а штетата предизвикана од овие дипфејксови е многу реална“, изјави фон дер Лајен во интервју за неколку европски медиуми, пренесува Политико.

По ваквите реакции, од компанијата на Маск, xAI, во соопштение најави дека Грок повеќе нема да може да менува слики за да прикажува оскудно облечени вистински луѓе на места каде што тоа е нелегално и ќе ја блокира таква содржина ако ги прекрши законите на одредено место.

„Имплементиравме технолошки мерки за да спречиме на сметката на Грок да ѝ биде дозволено да уредува слики од вистински луѓе во провокативна облека како што се бикини, долна облека или друго“, се вели во соопштението.

Регулативата важи за сите корисници, вклучувајќи ги и претплатниците што плаќаат и кои имаат пристап до повеќе функции на платформата. Компанијата соопшти дека исто така го ограничила креирањето или модификацијата само на претплатници што плаќаат за да се осигури дека „поединците што се обидуваат да злоупотребат сметка на Грок за да го прекршат законот или неговите политики можат да бидат повикани на одговорност“.

Фотографија: Фрепик

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ