Хипербаричната комора која за потребите на повредените од катастрофалниот пожар во дискотеката Пулс беше донирана за кочанската болница, никогаш досега не била ставена во функција.
Ваквата информација за Канал 77 ја сподели Томи Димитријев од Support Kocani:
„Да имаш нешто коешто знаеш дека ќе им помогне на луѓето и своеволно да одлучиш да не го користиш е голема саботажа, нехумано дело, тотално“, вели Димитријев.
Димитријев целосно хронолошки го раскажа процесот на набавка:
- Првично од фондацијата „Верица Механџиска“ се појавија како донатори на хипербаричната комора, сѐ со цел тие што беа најнадишани, што им беа проблематични белите дробови, кажаа дека хипербаричната комора највеќе помага за прочистување на истите. Значи, клучно беше во периодот на почетокот после пожарот, кога ги пуштија од болниците – тие што се враќаа тука, во Кочани. Механџиска ја обезбеди комората и ја однесоа во болницата. Ја однесовме таму заедно, тие ја наместија“, објаснува Томи Димитирјев.

Болницата на 30 април 2025 ги кани медиумите за да сподели дека комората е пристигната. Лекарите информираа дека е втора ваква комора во македонското јавно здравство, како и дека е особено корисна за повредените од пожарот во „Пулс“:
- ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кочани изразува огромна благодарност за донацијата на хипербарна комора за потребите на медицинската рехабилитација. Повреденото ткиво бара повеќе кислород за да преживее, а кислородот кој се носи преку респираторниот систем не може да влезе во ткиво кое е воспалено или трауматизирано(жива рана), така што хипербаричната кислородна терапија преку концентрираниот кислород под зголемен притисок (во самата хипербарна капсула) овозможува кислородот преку кожата да навлегува во ткивото, а од друга страна преку зголемениот притисок во кој се самите пациенти, овозможува чистиот кислород да навлегува поинтензивно во крвта и на тој начин комплетно да ја менува концентрацијата на кислород во телото. Еден час во хипербарична комора заменува 7-10 дена престој на планина на височина од 1500 до 2000 метри.“ – стои во соопштението на болницата од 30 април 2025.

Болницата сподели дека комората е применета кај првата пациентка која била третирана. Но, во реалноста тоа е само демонстративно влегување на пациент во комората:
- Има видео од девојче од кај нас, од Support Кocani, таа влезе во комората, чисто да има едно видео и слики од внатре од комората. Ама тоа не е официјално пуштено од страна на болницата, туку ние додека ја носевме комората ја сликавме и ја снимавме девојката, чисто за илустрација – додава Димитријев.

- Комората никогаш не била пуштена во функција. Ние бевме тука да ја покренеме иницијативата, да обезбедиме што можеме, ги најдовме луѓето, помогнавме во логистиката, ја информиравме јавноста, ама ништо“ – подвлекува тој.
Единствен проблем: Нема лиценциран персонал во Кочани да работи со комората
Кочанската болница и покрај тоа што ја добива донацијата на комората, сепак не ја пушта во употреба. На прашање на Support Kocani зошто скапата опрема не се користи, добиле одговор дека има само еден проблем – болницата нема лиценциран персонал да работи со неа.
Наспроти дилемата како да се надмине проблемот, експерти и стручни лица постојано посочувале дека хипербаричната комора е најдобриот метод да се лекуваат пациентите кои вдишувале од токсичните гасови и имаат рани од изгореници од пожарот во Пулс:
- Доаѓаа тоа време експерти од Полска и кажуваа дека користењето на хипербаричната комора е најдобриот начин за да се среди оваа проблематика кај децата. Меѓутоа заради тоа што се’ уште не функционираше тука, сите одеа во Штип, бидејќи таму има хипербарична комора и таму го вршеа тој процес.“ – вели Димитријев.
Следно: Се испраќа персонал во Шпанија на обука, но комората повторно не се користи
Support Kocani и Верица Механџиска откако дознаваат дека единствениот проблем што комората не се користи е тоа што нема лиценциран персонал, а таа е клучна во третманот на поголемиот дел на пациентите, одлучуваат да ја организираат и да ја платат обуката на персоналот во странство:
- Кога кажаа од кочанската болница дека немаат експерти, пак заедно Support Kocani со Верица Механџиска се организираа. Верица Механџиска најде обука во Мадрид, каде што пратија двајца физиотерапевти од Кочани да ги обучат да можат да ракуваат со комората. Нели, прво тоа што го зборуваа дека немат лиценцирани лица, сега да имаат. Физиотерапевтите ја завршија обуката, се вратија назад, тоа сето беше платено од фондација „Верица Механџиска“ во соработка со Support Kocani.“ – вели Димитријев.

По враќањето на двајцата физиотерапевти од Шпанија болницата добива лиценциран персонал и со тоа го надминува единствениот посочен проблем пред целата јавност. Но хипербаричната комора и натаму не е во функција.
Во меѓувреме министерот ја разрешува в.д. директорката, неврологот Кристина Серафимова која до тој момент раководи со болницата и именува нова директорка – хирургот Катарина Паниќ.
Но, Support Kocani ниту од новата директорка не добива одговор која е причината што комората не работи.
Канал 77 се обиде да стапи во контакт со директорката, но на нашите повици не беше одговорено.
Тогаш се обративме до министерот за здравство, Азир Алиу, со прашањето зошто и покрај сè, комората никогаш не проработи. Но, од министерот добивме сосема нова теза за тоа зошто комората никогаш не проработила:
- Информацијата која што ја имам јас од болницата е дека комората не е ставена во функција бидејќи е мала и несоодветна за тој тип на третмани таму. Како и да е, повредените од Кочани се третирани во Скопје“ – посочи во кратка телефонска изјава министерот Алиу.
Но, она што останува неодговорено е зошто ако комората била мала, тоа не било посочено пред набавката на истата особено што целата набавка е според инструкциите од болницата? Зошто не била вратена ако е несоодветна, туку беше пречекана со толкава медиумска помпа? И конечно – зошто воопшто се испрати персонал на скапи обуки во Шпанија, ако се имало предвид дека комората е неупотреблива и никогаш нема да биде употребувана за повредените од „Пулс“? На овие прашања треба да одговори раководството на болницата, пред сѐ на повредените деца, кои секој ден трпат болки и доживуваат трауми во сложениот процес на заздравување на изгорениците од пожарот.
По објавата на овој текст пристигна одговор од Министерството за здравство, кој можете да го прочитате овде.
(К.М. и К.Т.)





