Собранието денеска ја констатираше оставката на вицепремиерот Арбен Фетаи, со што официјално престана неговиот мандат во Владата.
Фетаи ја поднесе оставката на почетокот на месецов, наведувајќи дека одлуката е донесена по внимателно размислување и дека во актуелните околности тоа е најсоодветниот чекор. Тој тогаш порача дека функцијата ја напушта со „чиста совест“, оценувајќи дека во изминатиот период придонел кон реформите во областа на отчетноста, транспарентноста и владеењето на правото.
Констатирањето на оставката во законодавниот дом следува по неколкунеделните најави за промени во владината структура и реконструкција на извршната власт. Премиерот Христијан Мицкоски претходно потврди дека оставката е доставена и најави разговори со коалициските партнери околу понатамошните кадровски решенија.
Инаку, оставката на Фетаи дојде по подолг период во кој тој не присуствуваше на владините активности, што предизвика бројни реакции и шпекулации во јавноста за неговиот натамошен ангажман во Владата.





