Соменижот дека регионална телевизија „рекетирала“ за пари да го испита МВР, а директорските сертификати за англиски пак се најдоа пред ДКСК  

Фото: Царина

Антикорупциска денеска одлучи до МВР да ја достави пријавата за неправилности во работењето на регионална телевизија, која како што било наведено, работела со т.н. „рекет-систем“ односно ги условувала јавните претпријатија да уплаќаат пари во синдикални организации, а тие синдикални организации понатаму ги уплаќале парите во телевизијата. Од тоа зависело кое претпријатие како ќе биде претставено на телевизијата, се наведува во пријавата.

Постапка пред надлежен орган ДКСК ќе иницира и за случај во кој една општина несоодветно постапувала и свесно одолжувала постапка при пријава за нелегално изградена затоворена тераса на кафе-бар. Членот на ДКСК, Бесник Џемаили, рече дека констатирана е нелегална доградба на куќа во која се врши угостителска дејност. 

Постапка пред надлежен орган ДКСК ќе предложи и за случај на избор на директор на основно училиште во една општина, кој во согласност со законот немал соодветен сертификат за англиски јазик. 

ДКСК до Државниот просветен инспекторат и до МОН ќе достави документација за случај во којшто е откриено дека в.д. директор на средно училиште не фигурира на листата со положени испити за директор на средно училиште. Како што беше посочено на седницата врз основа на информација од Државен испитен центар, в.д. директорот имал положено испит за директор во 2006 година, но согласно законот што е во сила испитот требало повторно да се преполага до 1 септември 2020 година а во нивната евиденција не фигурира такво лице. ДКСК работејќи на предмет по пријава дека в.д. директорот нема положен испит, како и дека имал дисциплински постапки за физички и вербален напад, добила информации дека лицето има положено испит, но од страна на Комисијата била побарана информација и од Државниот испитен центар и тоа не било потврдено туку оттаму посочиле дека такво лице не фигурира во нивната евиденција. 

МИА

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ