Во претстојната учебна година да не се примаат првачиња, ниту да има паралелки од шестто одделение. Вишокот наставници ќе се распредели таму каде има потреба. Ова е дел од содржината на измените на Статутот на ООУ „Гоце Делчев“ од Штип што денеска беше усвоено со гласовите на советниците на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата. Советниците од СДСМ и Левица гласаа против. На седницата не присуствуваше градоначалникот Иван Јорданов, а предлог одлуката ја образложи секретарот на општината Вишна Шорова – Ангелова, која даде три причини – финансискиот и трошењето на блок дотациите во 95 отсто за плати, недостатокот на ученици и пресудата од Стразбур за сегрегација во училиштето. Шорова – Ангелова ги образложи и конкретните последици од одлуката.
-Наставниот кадар ќе биде апсорбиран не само од општинските основни училишта, туку и од средните општински училишта, средните државни училишта и се разбира универзитетот „Гоце Делчев“. Во учебната 2026/2027 година нема да се запишуваат ученици и нема да се организира настава во прво и шесто одделение. Ова е испланирано на овој начин заради тоа што учениците од прво и од шесто одделение се оние коишто преминуваат од една во друга фаза на својот образовен процес и за да се намали притисокот врз нив е одлучено само овие ученици оваа година да бидат распоредени во другите општински основни училишта, поточно во училиштето „Тошо Арсов“ и во училиштето „Ванчо Прке“, рече Шорова Ангелова, според која, „тоа значи дека ниту еден вработен, моментално вработен во ООУ „Гоце Делчев“ нема да остане без работа во текот на оваа фазна реализација на припојување во другите образовни институции на територија на општина Штип“.
На ова реагираше Галаба Вереса од СДСМ, според која, образложеното во пракса има повеќе пречки, меѓу другото додека се планирала оптимизацијата и се знаело дека ќе има прераспределба на вишокот наставници, се делеле и решенија за работа на нововработени во образовните институции во Штип.
-Сигурно не е одлука што е донесена за еден месец. Направени се вкупно 22 трансформации на работен однос, а за 2026-та година до сега направени се 15 трансформации. Сега прашањето е зошто се прават трансформации во другите училишта, кога веќе од „Гоце Делчев“ и со самата оптимизација ќе ни се јават проблеми во сите училишта, ние треба да преземаме наставен кадар од едно во друго училиште?, праша Вереса.
Советничката посочи и еден друг проблем , а тоа е каде ќе се згрижат наставниците со звање наставник ментор и наставник советник од училиштето „Гоце Делчев“, со оглед на тоа што законот за основно образование предвидува само по еден ваков кадар на едно училиште. Освен тоа, најавено е дека некои од наставниците ќе може да работат како образовни асистенти, што според Вереса е нецелосно регулирано со закон во смисла на вработување на неопределено време, што го загрозува статусот на наставник, кој веќе има решение на неопределено време.
-Направивме еден добар план со којшто во наредните пет години секој од наставниците ќе добие соодветно работно место во предметот којшто го предава или на одделенските наставници ќе добијат соодветно работно место. Во другите образовни институции на територија на општина Штип коишто веќе ви ги споменав, односно ниту еден од наставниците нема да добие договор од неопределено на определено работно време. Напротив, овој процес и овој чекор се презема од општина Штип за да не дојде до овој момент наставниците да се прашуваат дали нивното место ќе биде, задржано или не. Така што не би сакала оваа дискусија да се проширува со цел да се сее немир или страв кај вработените во ООУ „Гоце Делчев“, туку истите мислам дека веќе и се комуницираат од страна директорот им се соопштува каде се планирани за која година да преминат во некои од другите институции во општината, одговори Вишна Шорова – Ангелова, секретар на општината Штип.
Советниците на Левица реагираа зошто по 60 години се затвора училиште и изнесоа повеќе шпекулации за начинот на кој се прави тоа. Советникот Ангеле Михајловски рече дека се врши притисок и врз родителите и врз вработените, се смирувал најавениот протест, а претседателот на Советот на родители си дал оставка.
Советот даде „зелено светло“ на статусната измена на училиштето, кое по пет учебни години ќе престане со работа.
Со тоа, денеска е донесена одлуката за почеток на процес на затворање на едно од најстарите училишта во Штип, за чија динамика беше најавен па откажан состанок со вработените и родителите, на кој требаше да присуствува и министерката за образование Весна Јаневска.





