„Со тежина во срцето, со болка што не поминува“ – Семејствата на загинатите од Пулс ја чекаат пресудата за полицајците

Со завршни зборови денеска пред Основниот кривичен суд Скопје беше заокружено судењето против тројцата обвинети полицајци од Кочани – Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков. Обвинителството побара осудителна пресуда поради неизвршување на службената должност и прибавување имотна корист, а одбраната оцени дека обвинението е неосновано и побара ослободување на обвинетите. Пресудата ќе биде изречена на 5 мај.

По ова со реакција излегоа и од Здружението на семејствата на загинатите од Пулс 16ти Март 2025.

Во соопштението кое ви го пренесуваме во целост се вели:

-Денес заврши судскиот процес против тројцата полициски службеници од Кочани.
За некого ова е само уште еден предмет. За нас – ова е првата разврска во борбата за правда за нашите најмили. Чекаме пресуда. Со тежина во срцето, со болка што не поминува и со надеж што не смееме да ја изгубиме. Се надеваме дека судот ги видел сите пропусти, сите грешки, сите моменти каде системот потфрли – и дека ништо нема да остане занемарено.
Бидејќи зад овој случај не стојат бројки. Стојат 63 животи, 63 семејства што секој ден живеат со празнина што никогаш нема да се пополни. Ова не е крај. Ова е почеток. Ќе останеме тука. Ќе гледаме. Ќе паметиме.
И нема да престанеме да бараме: Вистинска и целосно заслужена правда!

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ