„Со што заслужи вечниот директор на МРТ Цветковски да биде поставен за директор на Фондацијата „Скопје европска престолнина на културата 2028“? – праша Цаневска

Поранешниот директор на јавниот сервис МРТ, Марјан Цветковски од Град Скопје, со кој раководи градоначалникот Орце Георгиевски од ВМРО ДПМНЕ, е избран за директор на Фондацијата „Скопје европска престолнина на културата 2028“. Цветковски, раководеше со МРТ цели 15 години и беше познат по тоа што одби да ги емитува „бомбите“ за владеењето на Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ.

„Со што Марјан Цветковски го заслужи новото работно место – директор на Фондација, каде не само што ќе раководи, туку ќе одлучува за распределба на средства“, праша Катерина Цаневска, советничката во Град Скопје од редовите на СДСМ на денешната седница на Советот, каде се поставуваат советнички прашања.

Фондацијата веќе распиша конкурс за избор на проекти, но резултатите се’ уште не се објавени. Се работи за фонд од 300.000 евра.

Како што пишува во повикот, „првата фаза на селекција на аплицираните проекти ќе ја спроведе независното тело Скопје 2028, врз основа на формалните и квалитативните критериуми утврдени во јавниот повик. Втората фаза на селекција ќе ја спроведе Главното жири, составено од двајца домашни експерти, уметничкиот раководител, како и два меѓународни експерти од Европската Унија, согласно добиените стручни насоки, добиени по консултација со администрацијата во Брисел“.

Цаневска очекува одговор од градоначалникот и Град Скопје, за назначувањето на човекот, за кој како што рече беше познат по тоа што одредени луѓе во МРТ добиваа награди и патувања , а ревизорските извештаи, беа редовно негативни.

Марјан Цветковски беше на чело на МРТ од 2012 година па се’ до април годинава. Новинарските здруженија реагираа на законитоста на неговиот повторен трет избор, а неспроведените реформи и застојот во изборот на нов директор на јавниот сервис се нотираа неколку години по ред во Извештајот за напредок на Европската комисија.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ