Списокот на компании кои добиле од унгарскиот кредит останува тајна – Новинар го оспори пред Уставниот суд

На денешната седница на Уставниот суд на дневен ред е барањето за заштита на слободи и права од новинарот Давид Илиески, новинар истражувач од ИРЛ, кој тврди дека во својство на новинар, поднел барање за пристап до информации од јавен карактер до Развојна банка, но не добил целосен одговор. Новинарот побарал податоци за компании и проекти финансирани преку банката, агрегирани статистички податоци, како и извештаи доставувани од деловните банки во рамки на кредитните линии за период од 01.01.2020 година до моментот на доставување на бараните информации. Како што соопшти Уставниот суд, во барањето Илиески навел дека Развојна банка делумно го прифатила барањето, односно  ,у ги испратила агрегираните податоци за бројот на поддржани компании, поделени по сектор година и кредитна програма, но не и списоците со компаниите и проектите кои добиле кредити од Развојна банка, ниту копии од извештаите што деловните банки ги доставуваат до Развојна банка во рамки на кредитните линии.

„Поради нецелосни информации барателот вложил жалби до надлежната Агенција за заштита на правото на слободен пристап на информации од јавен карактер. Таа спровела постапка и двапати одлучувала по предметот, при што во второто решение ја уважила жалбата во целост, ги поништила одбивните решенија и наложила доставување на бараните информации во рок од 15 дена. И покрај тоа, Развојна банка не постапила по конечното и извршно решение, ниту ги доставила бараните податоци со образложение дека станува збор за доверливи податоци, односно банкарска тајна“, пишува во барањето за заштита на слободи и права до Уставниот суд. 

Списокот со компании и натаму останува своевидна „државна тајна“ под превезот на деловна тајна. И покрај многуте обиди од медиумите, овие податоци со имињата на компаниите кои добија пари од унгарскиот кредит, кој сите граѓани заедно ќе го враќаат, остануваат непознати за јавноста. Иако, повремено се слушаат информации за почнат или проширен бизнис за некоја компанија, но многу често зад овие бизниси се слушаат и имиња на актуелни функционери, како инвестори во сенка.

Седницата на Уставниот суд започнува во 9.30 часот, со пренос  живо.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ