Актуелниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска официјално ја потврди својата кандидатура за уште еден мандат на претстојните локални избори.
Одлуката, како што истакна, била донесена по подолго размислување, при што пресудиле две причини – отсуство на, како што вели, „силна понуда“ од други кандидати, како и потребата општината да ја води искусен градоначалник во услови кога во Советот тешко може да се формира стабилно мнозинство.
„Карпош се соочува со реални предизвици кои бараат искуство, а не експерименти. Затоа решив повторно да ја побарам довербата на граѓаните“, изјави Јакимовски.
Тој додаде дека ваквата одлука ја донел гледајќи ги кандидатите што се пријавиле каде појаснува дека истите не гарантирале квалитет за решавање на проблемите и за успешно функционирање на општина Карпош.
Како приоритети во евентуалниот нов мандат тој ги посочи решавањето на проблемот со паркирањето и спречувањето на дивите надградби со кои индивидуалните куќи се претвораат во колективни станбени објекти.
На брифингот со новинарите, Јакимовски потврди дека ќе има поддршка од ЛДП во Карпош, додека неговата партија ГРОМ ќе настапи со кандидат за градоначалник на Скопје. Дополнително, се разгледуваат и можни коалициски договори во други општини.
Со новата кандидатура, Јакимовски се вклучува во изборната трка за петти пат, откако досега четири пати ја извршуваше функцијата прв човек на Карпош.





