Стојанов: Словенија проценила дека е подобро да привлече млади Македонци, наместо жители на Бангладеш

Претседателот на контроверзната бугарска Фондација „Македонија“ со седиште во Софија, Виктор Стојанов, во видео интервју изјави дека Бугарија води погрешна политика кон младите Македонци и дека треба да ја копира политиката на Словенија, која преку државна стратегија ги привлекува да мигрираат таму:

„Во моментов во Словенија живеат над 15 илјади Македонци. Низ годините ќе бидат над 50 илјади. И тие луѓе се млади луѓе кои ја напуштаат Северна Македонија, тоа е друга тема што Северна Македонија кризира демографски заради политиките кои ги води. Но, Словенија има интерес да има многу блиски односи со Северна Македонија, затоа што таа смета на нивните студенти и млада работна рака, да си ги интегрира.“ – вели Стојанов.

Според Стојанов, словенечката национална политика размислува во правец дека е подобро да привлекува Македонци, наместо жители на Бангладеш. Стојанов исто така ја критикуваше бугарската политика, бидејќи, какош то вели, не ги привлекува младите Македонци да мигрираат таму:

„Словенските националисти процениле дека е подобро да привлечат 50 илјади млади Македонци, наместо 50 илјади млади жители на Бангладеш. А ние, со оглед на тоа дека сме хаос и кражби тука кај нас и простотија, ќе си примаме 300-400 илјади азијати, но нема да си привлечеме 50 илјади млади Македонци.“– смета тој.

Виктор Стојанов и е познат на јавноста по тврдите ставови во однос на Македонија.

Во март годинава, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет против него по поднесена кривична пријава од Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам во Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи против едно лице за кривично дело – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г од Кривичниот законик.

Од документите и јавните објави на самата организација се гледа дека Стојанов е основач и претседател на софиската фондација „Македонија“, регистрирана во април 2021 година. Во нејзините акти меѓу целите се наведуваат зближување меѓу Бугарија и Северна Македонија, дистрибуција на литература на бугарски јазик во земјава и работа со бугарските институции за олеснување и забрзување на постапките за добивање бугарско државјанство за лица од Северна Македонија со бугарско потекло. Во јавноста првично се проби преку иницијативата „Испрати бугарска книга во Македонија“, за која во март 2021 извести и БТА по средбата на Стојанов со тогашниот бугарски претседател Румен Радев.

(К.М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ