Вистинска тажна македонска приказна! Прикзна која од басна преминува во реален живот со уништено земјоделство, разделени и раселени семејства низ светот, а сето тоа поврзано со животот на штрковите и природната симбиоза со човекот.

Ова е темата на документарецот „Приказната за Силјан“, инспириран од македонската бајка „Силјан штркот“, кој ја имаше македонската премиера вчера вечерта во МНТ, а по празниците ќе го има во сите кина низ Македонија.
Оправдани се овациите и солзите на публиката, бидејќи тоа сме ние, тоа е нашиот живот.

Опишана е судбината на Никола, земјоделец, кој по тешката борба за опстанок останува сам, бидејќи во потрага по подобар живот децата му се иселуваат во Германија, а сопругата оди да ја чува внуката. Релност е што нивите пропаѓаат, а тој се вработува како багерист на депонија, каде го пронаоѓа штркот со повредено крило, па и покрај сиромаштијата решава да му помогне. „И јас сум сам и ти си сам“, му вели Никоја на штркот, сцена која го пара срцето.

Со животната приказна на семејството на Никола и Јана Цоневи од Струмичко обработена во документарниот филм „Приказната за Силјан“ режисерката Тамара Котевска направи бум низ светот.

После „Медена земја“ со протагонистката Атиџе Муратова, од неа не се очекуваше ништо помаку освен успех. Па и оваа приказна за животот на земјоделското семејство Цоневи, испреплетена симболично со животот на штрковите, полно со тага, но и со човечност и емпатија заслужено собра награди на многу фестивали, а беше номиниран и за Оскар.

Во природата се е поврзано и една алка од синџирот ако се скине, настанува хаос. Како што настана хаос со свесното уништување на македонското земјоделство, па Никола ги напушти нивите и замин да работи на депонија, па и штрковите место на нива се преселија на депонија.
Тамара, веројатно сакајќи да верува дека ќе дојде светла иднина за нас и нашата држава така го заврши филмот. Семејството повторно се сплотува во домот и се враќа на нивите, кои живот значат. „Приказната за Силјан“ е филм кој ќе ве расплаче гледајќи ја вистината. Филм кој вреди да се гледа, бидејќи си ги гледаме сопствените животи на платно..

-Овој филм настана без идеја да стаса толку далеку. Настана за нашата публика. Мило ми е што го виде светот, но повеќе ми е мило што го видовте вие и ќе го гледа цела Македонија. Планираме да има проекции во секој град. Сметам дека луѓето во помалите места и тоа како заслужуваат да го гледаат овој филм. Луѓето како Никола и неговото семејство даваат смисла на животот. Зошто правам приказни за нив? Сметам дека приказните, особено од подлабоките места во Македонија, од поскриените ми се особено драги да ги испромовирам и да бидам едноставно дел од тоа и дел од тие светови кои делуваат заборавени, но всушност се суштината на нашата култура и на нашиот свет. И некако ни ги држат корените на сите. За крај посакувам некои работи што ги видовте во филмот да се сменат засекогаш, но исо така посакувам некои други да не се сменат никогаш, рече Тамара.

Протагонисти во документарецот се Никола Цонев, Јана Цонева, Илина Цонева, Александар Цонев, Александра Цонева, Стојче Филипов и Иле Стојковски.
На премиерата дојдоа дел од политичкиот врв, претседтелката Гордана Силјановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски со сопругата Рози, министерот за култура, Зоран Љутков и многу познати личности од општестевениот и филмскиот живот.
(В.М.)
Фото: Вангел Тануровски









