„Тука нема да биде постигната посакуваната цел“ – Говорот и барањето пауза на пратеничката Ивана Василевска ги налути присутните од Кочани

Во Собранието денеска се одржа седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, на чиј дневен ред е претставката поднесена од Здружение на граѓани „16 март 2025 Кочани“, во јавноста познато како Здружение на родителите на загинатите деца во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Со едноминутно молчење, присутните изразија сочувство до семејствата на настраданите во пожарот.

На седницата присуствуваат претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши, премиерот Христијан Мицкоски, потпретседателите на Собранието, родителите и блиските роднини на загинатите деца во трагедијата во Кочани, координаторите на пратеничките групи во Собранието, народниот правобранител, претставници на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалицијата Сите за правично судење, Македонското здружение на млади правници, Супорт Кочани и Граѓанската иницијатива „Кој е следен?“. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски не присуствува поради службен пат.

Претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права и пратеник на Левица, Димитар Апасиев на почетокот на седницата информира дека покрај другите надлежности, Комисијата има ингеренции да разгледува дописи на граѓани и да заземе ставови по нив. Соопшти дека во поблиската парламентарна историја досега во различни мандатни состави, Постојаната анкетна комисија согласно нејзините уставни надлежности заседавала по поднесени претставки од граѓани или здруженија и тоа шест претставки во периодот 2002-2003 година, две претставки во 2004 и 2005 година, две претставки во 2006 година, по една претставка во 2007, 2008, 2009 и 2010 година и две претставки во 2019 година. Укажа дека Комисијата не може да врши истражни или други судски функции, но нејзините наоди се основа за поведување постапка за утврдување одговорност носителите на јавните функции.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска обраќајќи им се на родителите порача дека и пратениците, како и родителите сакаат да ја дознаат вистината за трагедијата и бараат одговорност за истата.

-Барањето правда за вас е движечка сила која ве скорива од постела и која ве држи да опстоите и да барате чаре за оваа зло. Нашите срца се цело време со вас. Од таа причина сме и сите ние тука денес – за да ви кажеме дека нема да дозволиме да бидете ниту злоупотребени, ниту изманипулирани. Сакам да ве предупредам не само како мајка и сестра, туку и како пратеник и професор по право дека за она за кое што сме собрани денес тука нема да биде постигната посакуваната цел. Треба да знаете дека форматот на оваа Комисија и се што ќе биде кажано тука, нема да има никаков правен основ за поведување одговорност. Но, истата единствено може да послужи за изземање од одговорност на оние кои имаат учество во оваа ужасна трагедија, рече Василевска.

Таа го прочита писмото од јавниот обвинител Љупчо Коцевски упатено до Собранието, во кое се нагласува дека за трагедијата во Кочани во тек се три одделни постапки – едната е во фаза на судење во Основниот кривичен суд Скопје, додека две се во фаза на истрага од кои една во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и уште една во Основното јавно обвинителство во Кочани. 

– Не би можел однапред да претпоставам како членовите и сведоците повикани пред Анкетната комисија планираат да ја излагаат својата аргументација пред Комисијата, меѓутоа доколку притоа бидат изнесувани докази и документи кои се поврзани со кривичните постапки кои се водат, постои опасност тие да се компромитираат. Лично сметам дека во овој момент не е целисходно да се водат две паралелни постапки, и пред Анкетната комисија да се расправа за докази или да се даваат искази кои треба да бидат дел од кривична постапка, вели Коцевски во писмото што го прочита Василевска.

Таа побара пауза од еден час и изземање на Апасиев од претседавање со Анкетната комисија, бидејќи, како што рече, има предефинирано и јавно изразено правно мислење за суштинските елементи на предметната судска постапка и оти го прави неспособен да гарантира непристрасност и објективност. Ги повика родителите на загинатите да одат во нејзината канцеларија да им ги покаже изјавите искажани од Апасиев за трагедијата во Кочани.

Апасиев во реплика кон Василевска, истакна дека не го прифаќа нејзиното барање за изземање и оти ќе продолжи да ја води Комисијата. 

Тој не го прифати барањето за пауза од Василевска бидејќи, како што рече, таа не е координатор или заменик-координатор на пратеничка група.

Потоа, во процедурално обраќање пауза побара пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска. Таа напомена и низа процедурални прекршоци на Деловникот околу водењето и свикувањето на седницата на Постојаната анкетна комисија. 

Минатата недела, на предлог на пратениците од парламентарното мнозинство – ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ во Собранието беше донесена одлука да се основа Анкетна комисија за утврдување на околностите во постапувањето на институциите за трагедиите и несреќите во Република Северна Македонија која ќе се фокусира на трагедиите во Кочани, во Модуларната болница, Дурмо турс и Ласкарци. 

На 19 ноември годинава, во судницата во КПУ Идризово започна судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март годинава, загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 беа повредени. 

Судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска и се одвива под засилени безбедносни мерки, со присуство на обвинетите, роднини на жртвите, обвинителството, одбраната и бројни новинари. На обвинителна клупа се 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници. 

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ