Во просек скоро 2 фирми дневно во изминатата година се основале со сопственици од Турција, покажа анализата на основачот на Бизнис мрежа, Огнен Огненовски.
Оваа анализа покажува дека во последните 12 месеци (1.08.24 – 1.08.2025) во Македонија се регистрирале 7.135 нови правни субјекти, а 632 нови субјекти се на турски сопственици. Тоа значи приближно 595 месечно или околу 20 дневно. Сопствеништво: 83,5% македонско, а
16,5% странско. Тоа значи дека речиси секоја шеста нова регистрација има странски капитал и тоа од основачи кои се физички или правни лица од странство.
„Најголем дел од нив се компании регистрирани како трговски друштва (ДОО, ДООЕЛ, АД и сл.), но во бројката се вклучени и занаетчии, здруженија, фондации, организации и други форми на правни лица. Но бројките стануваат навистина интересни кога ќе се погледне подлабоко; ТОП5 дејности (42,1% од сите нови субјекти): Трговија на мало: 812 (11,38%) секој 9-ти нов субјект е продавница. Подготовка и послужување храна: 678 (9,50%) секој 10-ти нов субјект е ресторан, кафиќ. Трговија на големо: 573 (8,03%). Организации врз база на зачленување: 511 (7,16%). Копнен транспорт: 430 (6,03%). Трговијата (мало + големо) = 1.385 нови субјекти, речиси секоја 5-та нова компанија е во трговија, пишува во анализата.
При тоа, кога ќе се споредат инвеститорите од каде доаѓаат, излегува дека далеку пред останатите се турските инвеститори:
1.Турција: 632 нови субјекти (8,86% од сите), → секоја 11-та новооснована фирма.
2.Србија: 80 фирми.
3.Косово: 60 фирми.
4.Италија: 36 фирми.
Турција има 3,6 пати повеќе регистрирани фирми од Србија, Косово и Италија заедно, а секоја 11-та нова фирма во Македонија е во сопственост на компании или граѓани на Турција.
„Се поставува прашањето што гледаат турските инвеститори овде што можеби ние не го гледаме? Пазар во раст? Поволни услови? Стратешка позиција? Или нешто сосема друго?, прашува Огнен Огненоски од Бизнис мрежа.





