Уште 30-ина конфекционери од Штип остануваат на улица

Моментално испратени на одмор без решенија, со неофицијална најава дека со тоа им завршува и работниот однос се над триесетина работници од штипската конфекција „БЛС МОДА ЕКСКЛУЗИВ“ ДОО Штип. Се работи за македонско – холандска фирма, кој има краток историјат на работење, откако претходно била преземена од други сопственици.

Работниците се’ уште ја немаат добиено августовската плата, како и задолжителните придонеси за пензиско, здравствено и социјално осигурување. Поради тоа, работниците се обратиле до „Гласен текстилец“ од каде добиле бесплатна правна помош.

Од организацијата во име на вработените до Управата за јавни приходи (УЈП) и Државниот инспекторат за труд (ДТУ) е испратено барање за итна инспекција:

„Имаме сознанија дека компанијата наскоро ќе престане со работа и работниците ќе бидат оставени без работни места. Доколку фирмата се затвори до 15 октомври 2025 година, тоа ќе значи дека ќе останеме без две неисплатени плати (за август и септември), како и без платени придонеси за тој период. Во истиот објект на адреса ул. Гоце Делчев бр.137, Штип функционира уште една поврзана фирма – „БЛС СЕРВИСЕ“ ДООЕЛ Штип (ЕМБС: 7802781). Со оглед на тоа што објектот е под кирија, а работниците се формално вработени во „БЛС МОДА ЕКСКЛУЗИВ“ ДОО Штип, се сомневаме дека постоењето на втората фирма има за цел да послужи како параван и да се избегнат законските обврски кон работниците и државата, се вели во барањето до овие две институции.

На овој начин преку УЈП и ДТИ, како што велат од „Гласен текстилец“ се почнува процедура за заштита на работниците, кои засега остануваат без августовската плата и придонесите. Меѓутоа, инспекторите на терен треба да утврдат дали има  и други неправилности на штета на работниците.

Оваа конфекција е една од десетината текстилни компании од Штип и источниот регион кои прекинаа со производствениот процес. Изгубени се неколку стотина работни места. Најчестото образложение за затворањето е недостаток на нарачки за работа и селењето на традиционалните странски партнери во Азија, во земји како Бангладеш и други.   

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ