Фејсбук и Јутјуб треба да платат три милиони долари одлучи судот, не предупредиле за зависност од интернет, а ги тужи 20-годишна жена

Фото: Пикселс

Американската компанија-сопственик на „Фејсбук“, „Мета“, и видеоплатформата во сопственост на „Гугл“ – „Јутјуб“ добија неповолна пресуда во судскиот процес во врска со потенцијалот за зависност од интернет-услугите. Поротниците во Судот во Лос Анџелес дојдоа до заклучок дека платформите биле небрежни и не ги информирале соодветно корисниците за ризиците и опасностите, пренесуваат западни медиуми.

Судот ѝ досуди на 20-годишната тужителка отштета од три милиони долари, при што „Мета“ е одговорна за 70 отсто од исплатата. Дополнително, изречена е и казнена отштета од уште три милиони долари, која двете компании треба да ја поделат во истиот сооднос. „Гугл“ и „Мета“ најавија жалба на пресудата, при што „Гугл“ тврди дека „Јутјуб“ не треба да се класифицира како социјална мрежа.

Тужителката, која во процесот се појавува под иницијалите КГМ, ги обвини платформите дека намерно ги дизајнирале услугите за да предизвикаат зависност кај корисниците, наведувајќи ја како пример функцијата за бесконечно скролање („scrolling“). Таа тврди дека почнала да ги користи платформите уште како дете, што довело до депресија и анксиозност. Тужбата беше насочена против „Јутјуб“ и „Инстаграм“, додека „Снепчет“ и „ТикТок“, кои првично беа дел од процесот, се спогодија надвор од судот.

Исходот од оваа постапка може да послужи како преседан за стотици други слични тужби. Само еден ден претходно, порота во Ново Мексико и одреди казна на „Мета“ од 375 милиони долари поради недоволна заштита на младите корисници. Извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг, беше лично сослушан од поротата за време на судењето во Лос Анџелес. МИА

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ