Се’ уште нема официјална информација од Обвинителството и МВР по синоќешната акција, во која како што се шпекулира се пронајдени меѓу 27 и 30 тони на марихуана. Доцна синоќа од кругот на Охис, каде се вршеа претресите излегоа шест камиони и шест комбиња. Дали ја носеа запленетата марихуана, ќе треба да соопштат од истрагата.
Истрагата е насочена кон компанијата „Алфафарм“ ДОО Скопје, која работи две години година со лиценца за медицински канабис. Еден од сопствениците и основачи е Иван Драганиќ, кој недамна беше уапсен и притворен во Србија.
Претресите следеа по заплената на пет тони марихуана во Крушевац, Србија, количина за која се претпостави дека потекнува од Македонија. Вчера во Србија беа изнесени мислења дека вака големи количини на марихуана не се наменети за домашниот пазар, туку за западноевропските земји и само организирана и координирана регионална соработка на институциите на Македонија и Србија може да дадат резултати.




