Пред утрешниот, последен натпревар со прилепска ФК „Победа“ на домашен терен, штипска „Брегалница“ ги повика навивачите заедно да го прослават влезот во Првата фудбалска лига. На денешната прес конференција беа објавени и плановите за зајакнување на клубот, што е неминовно со влезот во повисоката лига.
Веќе е познато дека се продава 51 отсто од акциите на АД Брегалница 2011, кое сега е целосна сопственост на Општината Штип. Има и познат купувач, кој како што кажа градоналникот Иван Јорданов веќе „ја има посетено „Брегалница“ и е запознат со состојбите во клубот“.
-Со него комуницираме во насока на носење на одлука на следна седница на Совет на општина Штип за продажба на 51% од акциите. Јас верувам дека ова ќе се случи и дека ќе имаме еден вистински вистински партнер кој ќе го трасира патот на Брегалница кон фудбал. Верувам дека ќе има можност не само играчи од овде да заминат во Европа, туку и европски играчи да играат за Брегалница и практично сме европски фудбалски клуб во Штип, изјави Јорданов.
Условот е веќе постигнат – влез во Прва лига, што веќе е остварено, а утрешниот натпревар е само формалност.
Со влезот во Прва лига, пред управата на „Брегалница“ се плановите за модернизација на стадионот, како изградба на нова трибина, но и вградување на новите технологии, кои треба да ги има на теренот. Претседателот Ангел Бојаџиев најави дека надградбата треба да почне веднаш по завршувањето на утрешниот натпревар.
– ВАР технологијата (систем на камери и оператори кои снимаат и анализираат спорни ситуации) чини некаде од 100 до 150,000 евра, претходно ние овде во самиот клуб оптичкиот кабел го имаме, а целиот поставено и тоа две две мрежни – така се бара оптички кабел. Доколку едниот затаи другиот да може да работи тоа е 30 до 40% веќе од работата е завршена. Треба да се направи да се одреди каде ќе биде самата просторија на ВАР, има посебни димензии што треба да се направи таа просторија и а треба дополнителна опрема меѓутоа за тоа најверојатно ќе побараме помош и од Фудбалската федерација на Македонија, бидејќи сами тоа не можеме можеме дел да изведеме од тоа, рече Бојаџиев.
Со влезот во повисоката лига, пред тренерот Влатко Костов останува предизвикот на зајакнување на клубот со нови играчи. Според неофицијалните најави, новиот мнозински сопственик ќе има обврска за дополнителни инвестиции. Но, дали Костов, кој го донесе клубот во Првата лига и натаму останува тренер?
-Јас лично се гледам во фудбалскиот клуб клуб „Брегалница“, меѓутоа затоа со градоначалникот ќе одлучиме натаму како и што ќе биде. Мојата главна работа и мојата егзистенција за мојата фамилија е фудбалот. Јас сум тука спремен за разговори со новиот сопственик, доколку Германецот (Франк Питер н.з.) ги купи акциите, кажа тренерот Костов.
Натпреварот со „Победа“ „Брегалница“ го игра утре во 16.30 часот на Градскиот стадион во Штип.






