Пoради суштествени повреди на Законот за кривична постапка, Апелацискиот суд во Штип ја укинал пресудата за доживотен затвор на Основниот суд за Стојанче Зарков-Грофот кој лани брутално со нож ја уби својата мајка, Марија Заркова, во нејзиниот кревет.
Повисокиот суд оценил дека се направени суштествени пропусти, а клучното било што првостепениот суд утврдил дека Зарков при убиството бил пресметлив.
Апелација овој клучен момент не го прифатила бидејќи кај него во моментот на убиството биле утврдени 2,5 промили алкохол во крвта.
На 9 февруари годинава Основниот суд во Штип го осуди Зарков на доживотен затвор.
Зарков на рочиштата од судењето за убиството тврдеше дека не се сеќава дали ја убил мајка си.
Тврдеше дека највообичаено тој ден ги извршувал секојдневните обврски, купил јадење и лекови за неговата мајка и излегол на кафе. Вечерта дома се вратил со такси. Потоа вели дека бил во другата соба кога неговата мајка почнала да вика, а кога влегол кај неа забележал дека од вратот и тече крв. Повикал брза помош, а дошле и полиција и јавен обвинител.
Но, според доказите Зарков кога се јавил на итната медицинска помош се обратил со зборовите „ја прободев несакајќи мајка ми, или ќе преживее или нема“.
Со вештачењето на ножот и ДНК анализата на отисоците и крвта на ножот, неприкосновено беше докажано дека извршител на убиството е Зарков.
Стојанче Зарков меѓу штипјани е познат како поранешен угостител, препознатлив по кафеаната „Гроф“, која долги години работеше во штипската чаршија.





