Три жени од 23, 40 и 49 години од Делчево, Штип и Кочани биле физички нападнати од своите сопрузи. Сите троца сопрузи се уапсени од страна на полицијата по пријавата.
Првиот случај е од Кочани, од синоќа, а во 22:30 часот, полициски службеници од ОВР Кочани го лишија од слобода Ф.Р.(40) од Кочани, постапувајќи по претходна пријава од неговата 40-годишна сопруга дека околу 21:00 часот во семејниот дом физички ја нападнал при што употребил тврд предмет.
-Според пријавеното, подолг период била психички и физички малтретирана од сопругот. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава, соопшти СВР Штип.
Еден час подоцна во 23:30 часот во Штип, полициски службеници од СВР Штип го лишија од слобода, А.Б.(56) од Штип, постапувајќи по претходна пријава од неговата 49-годишна сопруга дека околу 16:30 часот во семејниот дом физички ја нападнал. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.
Рано изутрината во 02:30 часот во Делчево, полициски службеници од ОВР Делчево го лишија од слобода Д.А.(30) од Делчево, постапувајќи по претходна пријава од неговата 23-годишна сопруга дека во семејниот дом, а подоцна и во паркот во Делчево, во неколку наврати физички ја нападнал, при што употребил и тврд предмет.
– Според пријавеното, подолг временски период психички и физички била малтретирана. По извршени проверки, било констатирано дека Д.А. е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,79 промили алкохол во крвта, информираа од полицијата.
Тој е задржан во Полициска станица и по целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.





