Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески вели дека се’ уште нема дефинитивна одлука дали на обвинителката Ленче Ристоска ќе ѝ бидат одземени предметите Талир 1 и Талир 2, кои се чини, значајно влијаеше врз нејзиното напредување во обвинителски систем. Двата предмети се однесуваат на финансирањето на за ВМРО ДПМНЕ преку собирањето членарина и изградбата на партиското седиште, односно имотот на партијата, кој е проценет на над 25 милиони евра. Во обвинението за Талир 1 се тврди дека партијата незаконски обезбедила средства и имот за изградбата, додека во Талир 2 обвинението е дека партијата наводно добивала донации и средства спротивно на законот за финансирање на политички партии. Со првостепената пресуда Никола Груевски беше осуден на 6 години затвор, Кирил Божиновски доби условна казна, а беше донесена и одлука за конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, на претпладневниот брифинг со новинарите, државниот обвинител Савески рече дека се прави нова прераспределба на предметите со цел да се стави ред, со тоа што ќе ги повлече овластувањата на обвинителите кои водат предмети што не се од нивните матични обвинителства. Вечерта во интервјуто за „Сител“, на директното прашање за Ристоска и посочените предмети Талир 1 и Талир 2, Савески одговори дека иако ги проучил предметите, се’ уште нема донесено одлука.
-Денови се одминати од моето именување, се’ уште не е дојден на дневен ред пред мене да одлучам по истиот. Предметот го прибавив, сум го проучил, меѓутоа, се’ уште не сум донел одлука по барањето за изземање. Бидејќи разгледувам состојби генерално во Јавното обвинителство во врска со дадени овластувања на јавни обвинители да постапат по одредени предмети и сето тоа е предмет на моја анализа и е тесно поврзано со одлуката за изземање, и затоа се’ уште немам донесено одлука, одговори државниот обвинител Савески.
Реагираше опозициската СДСМ:
„Правото и правната држава се погребани. Се врати времето на судиите и обвинителите од “тефтерчињата„ и целосната контрола на власта над правосудството. За судии се бираат жени на градоначалници на ВМРО-ОКГ, советници на Мицкоски, се поставува обвинител на кого Мицкоски од собрание му дели задачи. Се подготвува враќање на Никола Груевски. Преку дискредитација на предметите од СЈО и релативизирање на пресудите за нивно поништување“ стои во соопштението на СДСМ.
Иако ВМРО ДПМНЕ има над сто евидентирани имоти во имотниот лист, партијата веќе шеста година не може да располага со над 90 отсто од него, бидејќи со судска одлука имотот е замрзнат, вклучително и партиското седиште. Замрзнати се главно имоти стекнати по 2013 година, од времето кога претседател беше Никола Груевски.
Предметите Талир 1 и Талир 2, од некогашното СЈО, се во постапка на повторно разгледување, без конечна правосилна пресуда. Последната одлука е на Апелациониот суд Скопје во јануари 2024 ја укина првостепената пресуда за „Талир 2“ и го врати случајот на повторно судење.






