Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за само 15 месеци значително го нарушила принципот на транспарентност и отчетност во институциите, тврдат од СДСМ.
„Уништена е отвореноста на министерствата и општините кон граѓаните и пристапот до информации за тоа како се трошат народните пари,“ се наведува во соопштението на партијата.
Како аргумент, СДСМ се повикува на најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации, според кое активната транспарентност на министерствата и Владата бележи пад од 86% на 84% за една година. Кај општините, пак, нивото на транспарентност останало непроменето на 79%.
Според податоците, дури 44% од опфатените институции ја влошиле својата активна транспарентност, а најмалку информации се објавуваат за финансиите – 58% кај министерствата и 59% кај општините од можните 100%.
„Отчетноста и транспарентноста се непозната категорија за ВМРО-ДПМНЕ, кои наместо отвореност пред јавноста, се определуваат за прикривање на податоци и пласирање лажни вести,“ велат од СДСМ.
Од партијата предупредуваат дека со ваквите политики Владата ги затвора институциите за граѓаните и ја враќа земјата во период кога информациите за работењето на државата биле целосно недостапни.
„За време на Владата на СДСМ беа воспоставени принципи на отчетност и транспарентност на сите нивоа – вредности што никогаш не биле ниту ќе бидат дел од политиките на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски,“ стои во соопштението.




