Израел започна, како што го нарече, „превентивен напад“ против Иран. Во изјава утрово, израелскиот министер за одбрана Израел Кац прогласи „специјална и трајна вонредна состојба“ низ целиот Израел. Нападот се случил во 7:15 часот по македонско време.
Американскиот претседател Доналд Трамп објави осумминутно видео на својата платформа за социјални медиуми „Truth Social“ и потврди дека САД биле вмешани во нападот врз Иран.
Според иранските медиуми, нападнати се неколку градови, вклучително и главниот град Техеран. Новинската агенција Фарс објави дека експлозии се слушнале во градовите Исфахан, Ком, Карај и Керманшах. Неколку ракети ја погодиле Универзитетската улица и областа Република во иранскиот главен град Техеран.
Експлозии се слушнале на две локации во Техеран,а чад може да се види во центарот на градот.
Израел го затвори својот воздушен простор за цивилни летови. Израелските напади се случуваат во време на дипломатски напори меѓу американските и иранските претставници за договор за ограничување на нуклеарната програма на Иран и спречување на војна, а се очекуваше преговорите да продолжат следната недела.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во соопштение се заблагодари на САД и објасни „47 години, режимот на ајатолахот извикуваше „Смрт за Израел“, „Смрт за Америка“. Нетанјаху додаде „нашата заедничка акција ќе создаде услови храбриот ирански народ да ја земе својата судбина во свои раце.“ Се обрати и на иранскиот народ:
„Дојде време сите сегменти на иранскиот народ – Персијците, Курдите, Азербејџанците, Белуџите и Ахвазите – да го отфрлат јаремот на тиранијата и да донесат слободен и мирен Иран. Апелирам до вас, граѓаните на Израел, да ги послушате упатствата на Командата на домашниот фронт. Во наредните денови, во операцијата „Риката на лавот“, од сите нас ќе се бара да имаме издржливост и цврстина. Заедно ќе стоиме, заедно ќе се бориме и заедно ќе ја обезбедиме вечноста на Израел“, пишува во соопштението од израелскиот премиер Нетанјаху.








