Дрон погодил резервоар за гориво, по што избувна пожар на Меѓународниот аеродром во Дубаи во понеделник вечерта, соопшти канцеларијата за медиуми. Нема пријава за повредени, додека екипите за цивилна заштита работат на ставање на пожарот под контрола.
Арапските држави од Персискиот Залив се соочија со повеќе од 2.000 напади со ракети и беспилотни летала од почетокот на американско-израелската војна против Иран на 28 февруари. Целите беа американските дипломатски мисии и воени бази, но и клучната нафтена инфраструктура во Заливот, како и пристаништата, аеродромите, хотелите и станбените и комерцијалните згради. Конфликтот не престанува, светот се соочува со недостаток на нафта.
„Многу лоша иднина на НАТО ако не се вклучи“
Американскиот претседател Доналд Трамп им се закани на сојузниците од НАТО дека сојузот се соочува со „многу лоша“ иднина ако американските сојузници не помогнат во отворањето на Ормутскиот теснец. Во интервју објавено од „Фајненшл тајмс“ во неделата. дека може да го одложи и самитот што го подготвува со кинескиот претседател Си Џинпинг подоцна овој месец, додека се обидува да изврши притисок врз Пекинг да помогне во деблокирањето на клучниот поморски пат.
Тој потсети дека Европа и Кина се во голема мера зависни од нафтата од Персискиот Залив, за разлика од САД. Американскиот претседател рече дека земјите што имаат корист од морскиот пат треба да помогнат во неговото обезбедување . „Соодветно е луѓето што имаат корист од теснецот да помогнат за да се осигура дека таму нема да се случи ништо лошо. Доколку нема одговор (на барањето на САД) или ако е негативно, мислам дека тоа ќе има многу лоши последици за иднината на НАТО “, изјави Трамп за весникот.
Ајатолахот префрлен во Москва
Арапските медиуми објавија дека новиот врховен лидер на Иран, ајатолахот Хамнеи, бил тајно префрлен во Русија на лекување откако бил повреден за време на воздушните напади врз Иран.
Според публикациите што се повикуваат на извори блиски до иранското раководство, Хамнеи бил префрлен во Москва со руски воен авион во строго доверлива операција .
Арапските публикации, повикувајќи се на информации од кувајтскиот весник „Ал Џарида“, тврдат дека по пристигнувањето во руската престолнина, тој бил опериран и моментално се лекува во специјализирана болница поврзана со еден од претседателските комплекси.








