Не се согласувам со колегите што го предложија куќниот притвор за Груби затоа што сметам дека не е доволен за осигурување непречено водење на кривичната постапка, а за предлагање притвор по другата законска основа сè уште не е доцна, вели во интервјуто за МИА обвинителката од Хрватска, Јулијана Кенинг, која има 32-годишно искуство. Таа има неколку клучни совети и за новиот државен обвинител Ненад Савески за тоа како да почне да ги решава состојбите во ЈО, а смета дека можеби ниската доверба на македонските граѓани во правосудстото се должи и на лошата перцепција.
Јулијана Кенинг е Македонка што живее и работи во Хрватска. Право студирала во Скопје, но својата професионална кариера ја гради токму во Хрватска, каде што веќе 32 години работи како обвинител. Во моментот е заменик на јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство во Нов Загреб. Во своето децениско искуство работела на разни предмети од кривичната сфера, а како заменик-обвинител или обвинител на јавно обвинителство има искуство и во менаџерскиот дел.
Во својот поглед од страна за состојбите во правосудството во нашата земја, пред сè, за Јавното обвинителство, Кенинг вели дека новиот јавен обивнител веднаш треба да биде поактивен со наредби и задачи и да бара резултати: да назначи нови обвинители, а од постојните да побара отчет за предметите постари од шест месеци. Хрватската обвинителка, која е мошне добро запознаена со правосудните состојби кај нас, вели дека е разочарана од предлогот на своите македонски колеги, осомничениот за милионски криминал Артан Груби, по враќањето од бегство, да заврши само во куќен притвор иако опасноста повторно да избега или да влијае на сведоци сè уште постои. Дополнително, таа коментира дека и судот во овој предмет не морал да се води само по предлогот на обвинителот, туку може сам, без предлог, да одреди мерка притвор и по оваа законска основа.
В среда во нашето Собрание ќе се избира нов државен обвинител – судијата кривичар Ненад Савески се сели во Државното обвинителство. Ако би имале шанса да го советувате, кои се првите работи што треба да ги направи?
Фактот дека судија, што претходно бил обвинител, ќе стане државен јавен обвинител е позитивен. Неговото искуство и како судија секако го обогатува неговото целокупно согледување на начинот на работење на Обвинителството, кое е всушност странка во кривичните постапки пред судот. И во Хрватска главниот обвинител е долгогодишен претходен судија и мислам дека таквото искуство е драгоцено.
Што би му порачала? Прво, мора да преземе чекори за кадровското екипирање на Обвинителството, односно назначување нови обвинители за да се постигне оптимална систематизација, која е нужно потребна за непречено работење на Обвинителството.
На сегашните обвинители да им наложи да поднесат извештаи за сите предмети постари од шест месеци, со образложение во кое време се очекува нивното решавање, да побара итно решавање на најстарите предмети и на предметите од голема важност во смисла на големи материјални штети и човечки загуби. Секој месец да му испраќаат извештај колку од овие предмети се решени, а за тие што не се решени, да му дадат образложение зошто не се решени. Мора веднаш да биде поактивен со наредби и задачи и да бара резултати.
Измената во новиот закон, со која не е дозволен реизбор, односно можен е повторен избор дури по пет години од истекот на првиот мандат, сметам дека не е добра затоа што на новиот обвинител му е потребно време да ја согледа целата состојба, да наложи и преземе мерки за нејзино подобрување и доколку тоа го постигне во првиот мандат, да му се дозволи да ги ужива благодатите на својот труд и да продолжи со позитивни резултати во новиот мандат. Од лично искуство сметам дека два мандата се навистина потребни, но и сосема доволни. Три се веќе премногу!
Целото интервју може да го прочитате на линкот на МИА.мк







