На денешен ден, 17-ти март, минатата година се случи првиот протест како излив на тага и револт по стравичниот пожар во кочанската дискотека Пулс, во кој првично животот го загубија 59 лица, а 211 беа повредени.
Над 1.500 кочанчани се собраа во градскиот Парк на револуцијата, од каде во мирен протест се упатија кон зградата на Општина Кочани. Таму тензиите започнаа да растат, откако учесниците на протестот побараа да излезе градоначалникот Љупчо Папазов, кој до тој момент се немаше појавено ниту обратено кон јавноста по пожарот. Откако никој не им одговори на повиците, започнаа да маваат со предмети, камења и плочки по прозорците на општината. Откако дел од вратите и прозроците на зградата беа искршени, учесниците на протестот започнаа да се движат кон градскиот трговски центар, каде што првично не беше предвидено да се движи протестната група.
Таму беше искршен кафе-барот Класик, во сопственост на истото семејство Јованови, кои се сопственици и на дискотеката Пулс.
Тука толпата се подвои на две групи, од кои едната се најде пред кочанската полициска станица, а втората, поголемата сеуште беше пред Класик кафе.
Двете групи повторно се споија и се упатија кон приватна пошта на влезот во градот, чиј концесионер била исто така фирма на семејството Јованови. Таму беа искршени излозите и беше превртено едно возило.
Масата луѓе од таму продолжи кон домот на градоначалникот Папазов, каде исто така беа искршени прозорци и врати.
Протестите завршија на улицата пред домот на сопственикот на Пулс, Дејан Јованов Деко, каде кордон на ЕБР ги спречи учесниците на протестот да стигнат до куќата.
Јованови приватно ги гонат учесниците на протестот
На 30-ти март во Основниот суд во Кочани ќе се одржи рочиште за помирување по приватната кривична тужба на синот на газдата на Пулс, Дејан Јованов – Деко, Михаил Јованов, за тоа што гневните учесници на протестот во Кочани, го демолираа кафе-барот Класик. Јованов бара над милион денари обештетување.
Тужбата во име на фирмата на младиот Јованов ја поднела адвокатката Ивана Коцевска на 18 јуни 2025 година, во време кога Обвинителството ја дополнуваше истрагата за смртта на жртвите на пожарот во „Пулс“. Коцевска е адвокатка на семејството Јованови и во судењето за пожарот во дискотеката.
„До Основен суд Кочани на ден 18.06.2025 година, од страна на оштетено правно лице за наведениот настан има поднесено приватна кривична тужба против осум лица и Н.Н. лица, за кривични дела „Оштетување туѓи предмети “ од чл. 243 став 1 в.в со чл. 22 од КЗ и кривично дело„ Нарушување на неповредливоста на домот“ од чл. 145 став 1 в.в со чл. 22 од КЗ. По приватната кривична тужба има закажано рочиште за мирење за ден 30.03.2026 година, велат од Основниот суд – Кочани.
Од тужбата што пред два месеци беше споделувана и на социјалните мрежи, може да се види дека наведени се седум имиња од Кочани и едно од Чешиново како одговорни за вандализмот, а додадени се и непознати лица, за кои подносителите на тужбата немаат сознанија кои се. Прашавме како ќе се откриваат, дали се работи на тоа и секако што ќе биде изведено пред судот, за што добивме ваков одговор:
„Во однос на тоа кои докази и на кој начин ќе се изведуваат доказите кои се потребни за постапката, судот ќе постапува согласно одредбите од ЗКП во натамошниот тек на постапката“, велат од Основен суд – Кочани за Канал 77.
„Точно е, има кривична пријава и се води предистражна постапка, со цел да се донесе јавно обвинителска одлука. Истражни дејствија се превземаат во предистражна постапка поради тежината на кривичното дело. Ние имаме оформено кривичен предмет, меѓутоа предистражна постапка е за кривични дела со запретена казна до 5 години, а истражна постапка се води за кривични дела над 5 години“, информираат од Основото јавно обвинителство Кочани за Канал 77.
Изминатите три дена преку низа комеморативни настани беше одбележана првата годишнина од најголемата трагедија во независна Македонија, кога во пожарот во дискотеката Пулс загинаа 63 лица, еден возач на итната медицинска помош, а 211 лица беа повредени, од кои 157 тешко повредени.
Проценките се дека над илјада луѓе се директно погодени од трагедијата – загинати, повредени и блиски членови на нивните семејства.
(К.М.)






