Кочани: Денеска стартува рушењето на терасите на пицериите

Денеска во Градскиот трговски центар во Кочани стартува рушењето на монтажните затворени тераси на пицериите. Рушењето доаѓа по речиси една година натегања помеѓу општината и угостителите, за тоа дали пицериите имаат право на овие времени објекти и каков е нивниот статус.

На 28 април минатата година, тогашниот в.д. градоначалник на Кочани, Венко Крстевски, ги повика угостителите на состанок, каде побара од нив просторот да го вратат во првобитната состојба.

„Ги прашувам надлежните институции, како што е Државниот пазарен инспекторат, дали се прават контроли и зошто се толерира работењето во дивоградби, како Агенцијата за храна и ветеринарство издала ХАСАП дозвола за објекти што подготвуваат храна ако кујните им се дивоградби и имаат броила за струја што се во непосредна близина на фритезите? Како е можно во тие објекти да има легален приклучок на електричната мрежа и да се прават елаборати што не се соодветни со реалната состојба, слично како во Пулс“ – рече тогаш Крстевски.

Поранашниот в.д. градоначалник на Кочани, Венко Крстевски, ја покрена иницијативата за објектите во трговскиот центар, месец дена по пожарот во дискотеката Пулс

Тогаш, угостителите му одговорија на Крстевски дека нема самите да ги рушат и го повикаа рушењето да го започне со дивоградба до самата општинска зграда.

„Доколку постапуваш законски и по сите правила општината има веќе донесено 700 решенија за рушење на диво изградени објекти, објасни зошто не го срушите прво објектот во склопот на општината поранешен ТИНЕКС, за кој што до пред 20 дена општината наплаќаше ќирии, објасни зошто оваа твоја неоснована иницијатива не ја покрена додека се реновираа сите објекти во време кога ти беше советник два мандати во општина Кочани и зошто тогаш не даде предлог на советот да не реновираме и да не си ги трошиме без потреба парите кои со многу труд и многу мака ги заработуваме?“ – напишаа тогаш угостителите.

Првиот обид да бидат срушени пропадна откако едниот од двајцата градежни инспектори во Општина Кочани веќе беше на боледување, а вториот зеде боледување на денот на закажаното рушење.

По ваквиот исход, Крстевски поднесе кривична пријава против сите инволвирани на 18 јуни 2025 година.

Сега, угостителите се обврзани да ги срушат целосно надворешните тераси кои се во суштина најголемиот дел од нивните пицерии и да продолжат да работат со своите внатрешни простории.

По расчистувањето на просторот, угостителите имаат право да побараат дозвола за подвижна тенда-пергола, чадори, подвижни разделни жардиниери и друга угостителска опрема, но просторот нема да може да биде ограден, како до сега и ќе треба да биде отворен од три страни.

(К.М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ