Џезаир Шакири, познат како Командант Хоџа, еден од првите команданти на ОНА уште од 2000 година и за време на конфликтот во 2001 година предводеше албански вооружени групи, тврди дека преку посредник, Арбен Џафери му понудил пари за да се повлечат од позициите во Кумановско. Во подолг напис Џезаири дава опис на настаните од свој аспект пред повлекувањето на ОВК од тетовскиот регион, за што вели, тие што биле таму најдобро зборуваат за причините.
-Имаше една недела, би рекол, откако започна војната во ОВК, во Танушевци дојде еден посредник и ми рече: „Ќе дојдат неколку лица, албански функционери од Македонија. Ги пречекав со неколку војници на ОВК во куќата на Суле/ Илми близу основното училиште, меѓу нив беше и Командант Тали. Дојде Фламур Аме со двајца други со една торба не баш мала и почна да зборува, вели:
„Ме испратија Арбен Џафери и Мендух Тачи да ве убедам да ги повлечете сите војници на ОВК од Танушевци и да одите во Косово, со целосна рехабилитација за сите војници на ОВК, ќе добиете станови. И ми рече:
„Кажи колку милиони марки сакаш’? Ја отвори торбата што ја носеше со себе, каде се гледаа многу врзопи со германски марки. Потоа го зема телефонот во рака и ми рече: „Сакаш да зборуваш со Мендух или Арбен за да ти потврдат“? Јас кратко му одговорив:
„ОВК не се повлекува и немам што да зборувам со политичари, земи ги парите и тргнете за Дебелде (гранично село во Косово н.з.)“. Тој се обидуваше да ме убеди и да ме исплаши, дека оваа војна нема да заврши успешно и дека мене како командант меѓународните ќе ме стават на нивните листи за прогон и нема да имам место никаде во светот:
„А другите Емруш Х. и А.А. никој не ги знае за моментот и ако оваа војна пропадне тие ќе се повлечат, а ти ќе платиш скапо“ и други празни зборови.
Јас кратко му вратив:
„Јас не се грижам дали ќе ја преживеам оваа војна, затоа што знам дека има кој ќе ја продолжи, а вие побрзајте за Косово пред да започне некој напад и да ве погоди куршум, па да имаме работа да ве закопуваме и немаме време да се занимаваме со вас“.
Посредниците тргнаа со придружба од ОВК – командант Тали, по планинскиот пат кон селото Дебалде и според изјавите на нашите војници, разговарале гласно по патот:
„Бидејќи командант Хоџа не ги зеде овие 2 милиони марки, да ги земеме ние и да не им ги вратиме на политичарите“.
Јас можам да кажам за себе дека не сум ги земал, а дали ги вратиле парите кај сопствениците не можам да шпекулирам. Го пријавив случајот во мојата хиерархија и на мое изненадување ми вратија буквално:
„А бе зошто не ги задржа, па ни требаа, ќе ги земевме парите и ќе ја продолжевме војната“.
Некој можеби ја препознава оваа негова изјава и мојот став. Јас не можам со сигурност да кажам дека партиите на власт ги испратиле овие посредници со пари кај мене, иако ми предложија да зборувам по телефон, јас не прифатив. Ова може да е и невистина од страна на мисионерите за испраќачите.
Две недели подоцна започна војната во Тетовското кале и можам да замислам дека истото сценарио се случило и таму. Кој и како – не знам дали ги прифатиле или не парите, но едно знам: командант Ќорри не земал ништо затоа што умре во сиромаштија и колку што се сеќавам никогаш немал добра кола по војната. Кога ја започнавме фронталната војна во Танушевци, неколку лица од Призрен брзо формираа штаб со структури. Што понатаму? Кај кого беа парите? Како да се елиминираа командантите од фронтот од Призрен и кој каде во власта? По војната беше убиен Командант Тали со другар, три недели подоцна Командант Хоџа, Командант Шпенд Лагами“, пишува Џезаир Шакири алиас Команцант Хоџа.
По завршувањето на конфликтот, во годините потоа Шакири одеше по линијата на ставање на црната листа на лица поврзани со тероризам до политичар – пратеник во македонскиот Парламент и именуван за советник на премиер. Заедно со другите команданти и припадници на ОВК беше амнестиран до Охридскиот рамковен договор.
На 24 јули 2001 година беше ставен на македонската „црна листа“, а на 27 јули 2001 и на списокот на американскиот претседател Џорџ Буш за лица поврзани со тероризам.
Во мај 2018 година, Владата на Зоран Заев го ангажира Шакири како надворешен соработник за безбедност и борба против радикализам, со договор од една година и месечен надомест од 36.000 денари. Под силен притисок на јавноста и медиумите, се повлече од функцијата само неколку дена по назначувањето.







