Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), вчера, по добиена телефонска дојава за сомнеж за труење со храна во РЕК Битола, во соработка со ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола, Институт за јавно здравје – Скопје и инспектори на Државниот санитеран и здравствен инспекторат, спроведоа вонреден инспекциски надзор во кујната на операторот кој вршел снабдување со храна на РЕК Битола.
Во координирана акција, земени се мостри од храна и брисеви од работни површини, раце и нос на затекнати вработени лица во кујната.
-Согласно Националниот протокол за постапување во случај на сомнеж за појава на алиментарни инфекции и интоксикаци, кујната на операторот со храна е времено затворена, односно, дадена е забрана за вршење на дејност подготовка и послужување на храна од истата, се до завршување на инспекциската постапка и добивање на уредни наоди од лабораториските испитувања на земените мостри и брисеви. Наредено е вонредно чистење и дезинфекција на објектите и опремата и спроведување на вонредни санитарни прегледи за сите вработени лица. Инспекциската постапка продолжува, информираат од АХВ.
Во изјава за медиумите Хараламбос Сидиропулос, специјалист инфектолог во битолската болница вчера рече дека во болницата за помош с еобратиле 81 пациент, а по укажана лекарска помош најголем дел се испратени на домашно лекување.
– Во нашето одделение се јавија 81 лице со стомачни проблеми, повраќање и температура. Сите се со иста клиничка слика и како причина наведоа конзумирање на храна лазањи со сос во кујната на РЕК Битола. Повеќето работници се со лесна клиничка форма, на одредени лица им дадовме инфузија, а едно лице е упатено на Интерно одделение за понатамошна терапија, изјави вчера Сидиропулос за медиумите.
Од комбинатот и од ЕСМ Молика, која управува со кујната, вчера тврдеа дека не станува збор за масовно труење.
-Според досегашните информации, 4–5 лица побарале медицинска помош во болница, додека дел од останатите вработени го напуштиле работното место повикувајќи се на потенцијални тегоби, без притоа да побараат лекарска помош. Како превентивна мерка и со цел заштита на здравјето на вработените, лицата се упатени на дополнителни прегледи и анализи во Клиничката болница Битола, со цел утврдување на нивната здравствена состојба и евентуалните причини за појавените симптоми. Во моментов не може со сигурност да се утврди дали станува збор за труење од храна или за вирусна инфекција, имајќи предвид дека е период кога се зачестени вирусни заболувања, пишува апла.мк.
Но, дека труењето е масовно денес повторно потврдија од Клиничката болница во Битола.
-Вчера првично беа 81, потоа на здравствени проблеми се пожалија уште 40, а од сабајле до сега има уште 35. Значи 155 луѓе се пожалија. Во мензата јаделе лазањи со сос околу 300-400 луѓе, што значи дека очекуваме да дојдат уште иако искрено бројот се намалува. Некои се со полесна некои со потешка клиничка слика. Едно лице е задржано во болница, додека околу 60 лица се во дневна болница, доаѓаат примаат терапија и си одат. Само двајца лакари сме и ги опслужуваме сите пациенти кои побрале помош, ни рече д-р Хараламбос Сидиропулос, специјалист инфектолог во битолската болница.
В. Миленковска
–







