„Задоволен сум од првото полувреме, но подоцна нè уништија на страничните позиции“ – Седлоски со заклучоци од мечот против Данска

Фото: ТВ пренос, Данска државна телевизија

Фудбалската репрезентација на Македонија доживеа тежок пораз од Данска (0-4) во баражот за пласман на Светското првенство, натпревар кој ги разоткри слабостите на тимот, но и остави простор за самокритика и анализа од сите во таборот на националниот состав.

По мечот, селекторот Гоце Седлоски не го криеше разочарувањето, посочувајќи дека клучот за убедливиот пораз лежи во играта по крилните позиции и во психолошката подготовка на тимот.

„Нè уништија по страничните позиции, сигурно проблемот е и во главите“, изјави Седлоски, алудирајќи дека покрај тактичките слабости, неговите избраници не успеале да одговорат ниту ментално на предизвикот.

„Честитки за данската репрезентација за заслужената победа. Задоволен сум од првото полувреме, но ни се случи раниот гол во второто полувреме, откако им реков на фудбалерите да се обидеме да излеземе понапред и да се надигруваме. Ни се распадна системот и Данците покажаа моќ. Стравував од играта по страните и тој страв беше оправдан. Имавме проблем со придодавање на бековите на данската селекција и не успеавме да се одбраниме. Треба да разговараме со фудбалерите за тој пад и трите гола во десет минути. 

Ставив во игра фудбалери кои се стандардни во клубовите и верував во нив. Сега не сакам да анализарам, „жешки се главите“; но сигурно дека во иднина ќе има промени во тимот. Сигурно дека проблемот е и во главата, не треба да паѓа концентрација. Примате голови и за десет минути добиваш уште три гола во мрежата. Сепак, треба пак да кажам дека Данска постојано те „меле“. Во првиот дел дозволивме само удари од далечина, но моравме да издржиме подолго. Сите сме тажни, им благодарам на навивачите кои ни дадоа поддршка и верувам дека во иднина ќе ги израдуваме“ – изјави селекторот.

Македонија долго време се држеше во игра, но колапсот во второто полувреме, особено во краткиот период кога беа примени три гола, целосно го одреди исходот на натпреварот.

Напаѓачот Фисник Растодер потенцира дека амбицијата на тимот била сосема поинаква од она што се случило на теренот.

„Дојдовме тука за да победиме, но трите гола во десет минути…“, кратко прокоментира Растодер, посочувајќи дека токму тој период бил пресуден за расплетот на мечот.

Сличен тон имаше и крилниот напаѓач Дарко Чурлинов, кој не бараше оправдувања, туку повика на колективна одговорност.

„Сите грешевме, а овој пораз не треба да нè турне надолу“, изјави Чурлинов, нагласувајќи дека репрезентацијата мора да извлече поука и да продолжи напред и покрај разочарувањето.

Поразот од Данска значи крај на надежите за мундијалски пласман, но воедно отвора и прашања за идниот правец на националниот тим, особено во период кога селекторот Седлоски е релативно нов на функцијата, откако ја презеде селекцијата на почетокот на 2026 година.

Од другата страна, данскиот репрезентативец Густав Исаксен откри дека натпреварот имал големо значење и за нив.

„Секоја ноќ размислував за Македонија, минав нервозни месеци“, изјави Исаксен, потенцирајќи ја сериозноста со која Данците го пристапиле овој дуел.

Македонија во првото полувреме успеа да одолее на налетите на фаворитот, но падот во концентрацијата и организацијата во вториот дел беше сурово казнет. Данска го искористи секој простор, особено по крилата, што на крај резултираше со убедлива победа и елиминација на македонската репрезентација.

Останува впечатокот дека разликата во квалитет и искуство беше очигледна, но и дека Македонија со поцврста психолошка стабилност можеше да избегне ваков убедлив пораз. Следниот период ќе биде клучен за анализа, реконструкција и поставување на нови цели, со цел репрезентацијата да се врати посилна во идните квалификациски циклуси.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ