Со свечена академија во Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип се одбележа 19-годишниот јубилеј на оваа високообразовна институција, која низ годините се профилира како еден од носителите на академскиот и научниот развој во земјава.
На настанот беше истакнато дека универзитетот континуирано расте и се развива, при што фокусот е ставен на студентите, современото образование и создавање применливо знаење.
„Денеска го славиме датумот во кој од една идеја, имаме со јасна визија нова институција, која навистина претставува европски Универзитет, место каде што не само нашите студенти добиваат знаења, туку место каде што може да направат да ги реализираат своите идеи и идеи, кои што можат да станат навистина успешни млади луѓе и гордост за целата нација. Ми претставува задоволство што имаме успешно заокружување и на оваа 19. година од основањето. Имавме навистина плодотворна недела, во која што имавме гости од сите осум универзитети од европската универзитетска алијанса“ -изјави ректорот, проф. д-р Дејан Мираковски.

Студентите се задоволни од квалитетот на студиските програми и се среќни што токму Штип го има својот универзитет:
„Универзитетот е многу повеќе од образование. Можам слободно да кажам дека сум горд што сум дел од овој Универзитет, а воедно и како претседател на студентско оргганизираната асоцијација СОМА“ – истакна Михајло Мирасчиев, студент на УГД.

На настанот гостин беше и штипскиот градоначалник, Иван Јорданов.
„Деветнаесет години развој на универзитетот, кој создаде вредност во нашиот град, а како се развива тој, се развива и градот. Поразличен е од локален економски аспект со отворањето на УГД, а мене ми е уште повеќе драго што оваа 19-та година од постоењето, можеме да бележиме и дополнителни промени во позитивна насока. Членувањето во европската асоцијацијација на универзитети, даваат дополнителна вредност на универзитетот. Даваат можност за размена на студенти“ – вели Јорданов.
Свечената академија, како што беше посочено, претставува традиционален чин со кој се одбележува патрониот празник на Универзитетот, а воедно се нагласуваат постигнувањата и придонесот на академската заедница во високото образование и науката.
Во рамки на одбележувањето, беа потенцирани и резултатите што институцијата ги има остварено во изминатиот период, како и нејзината насоченост кон иновации, дигитализација и развој на интелектуалниот потенцијал на младите.
Универзитетот, кој годинава одбележува 19 години од основањето, во меѓувреме изгради широка образовна понуда и привлече илјадници студенти, потврдувајќи ја својата улога во создавање кадар за домашните и меѓународните предизвици





