Министерството за внатрешни работи на прашање на Канал 77 одговори дека се преземаат оперативни мерки за пронаоѓање на Злата Јанкова, жената од Свети Николе, која исчезна во близина на светиниколското село Орел:
„Во врска со Злата Јанкова, 11.08.1979 година, Свети Николе, која е пријавена за исчезната на 17.06.2024 година и за која на 30.08.2024 година МВР има распишано меѓународна објава, Министерството презема низа оперативни мерки за нејзино пронаоѓање.
Со поддршка на специјални полициски единици, вршен е преглед на терен, водно и воздушно пребарување и набљудување, како и прибирање на оперативни информации, повикување на лица на службен разговор, а ставени се и лица на полиграфски испитувања.
Од страна на единици, ловни друштва и локалното население подолг период пребаруван е теренот во поблиско и подалечно опкружување, но до овој момент не е дојдено до информација или траги во врска со лицето.
Потрагата по лицето продолжува во континуитет се до нејзино пронаоѓање.“ – стои во одговорот од МВР.
Пред два дена Канал 77 објави видео сторија, во која пред полициската станица во Свети Николе, сопругот на Злата, Дејан Јанков, зборува за својата одлука да штрајкува со глад, откако 21 месец од исчезнувањето на неговата жена, истрагата сеуште нема одговор – каде мистериозно исчезна младата жена на 17 јуни 2024, откако од нивниот имот во селото Орел тргна да си оди дома во Свети Николе со такси, кое никогаш не го повика.

Дејан не се откажува од штрајкот кој го започна на 11-ти март, а досега двапати беше и хоспитализиран. За него е сосема неразбирливо како една жена, која била 33 години во среќен брак со две деца, за неколку минути целосно исчезнала како никогаш да не постоела.
Цели 20 часа по исчезнувањето, телефонот на Злата бил достапен, но никој не се јавувал од другата страна. После 20 часа, телефонот изгубил сигнал.
Постојана морална поддршка му дава неговиот брат, кој е речиси постојано до него пред полициската станица во Свети Николе. Случајните минувачи од Свети Николе го поздравуваат Дејан и му нудат помош и поддршка во борбата за пронаоѓање на исчезнатата жена.
Дејан не е задоволен од истрагата и вели дека оди премногу споро. Исто така смета дека дел од оперативните мерки не биле соодветни, како поранешен припадник на АРМ, бил задолжен за куче трагач и вели дека одлично му е познато како треба кучето да пребарува, но, како што вели, полицијата не постапила според протоколот, па на кучињата не им дала да помирисаат лични предмети од Злата пред да почне потрагата.
(К.М.)
Целата сторија можете да ја погледнете овде:






