СВР Охрид соопшти дека поднесе кривична пријава против Ж.Г.(53) од тетовското село Брвеница, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Убиство” по член 123 од Кривичниот законик. Обвинителството поведе истрага, која ја базира на убиство од користољубие. Ж.Г. делото, според Обвинителството, го извршил во куќата на оштетениот во Охрид, со цел да го спречи сега починатиот Климе Митрески да го раскине договорот за доживотна издршка кој го склучиле кај нотар во февруари 2025 година. Според договорот, осомничениот по смртта на оштетениот требало да добие голем имот. Но, оштетениот веќе презел дејствија за раскинување на тој документ.
-Ж.Г. на 25.03.2026 година околу 18.30 часот, во домот на К.М.(76) од Охрид, предизвикал вербална расправија по што, искористувајќи згодна прилика, физички го нападнал а потоа со раце предизвикал негово задушување. СВР Охрид, по преземени мерки и координација со МВР и јавниот обвинител, вчера (27.03.2026) распиша централна потерница по што, во 17:20 часот во тетовското село Брвеница, полициски службеници од СВР Тетово, го пронајдоа сторителот и го лишија од слобода, информираше охридската полиција.
Обвинителството дава пошироки детали за моментот на убиството.
„По вербална расправија околу одлуката на оштетениот да го раскине договорот, осомничениот од зад грб физички го нападнал, го совладал на подот и го удрил со бокс неколку пати во главата. За цело време го држел оштетениот со едната рака преку устата и носот со што му го спречил дишењето и кај него предизвикал смрт. Откако се уверил дека жртвата не дава знаци на живот, го напуштил местото. Присуството и дејствијата на осомничениот во критичниот период се евидентирани на снимки од видео надзор поставен во куќата на оштетениот, а во текот на претходната постапка обезбедени се и други снимки од видео надзор за неговото движење, како и други материјални докази. Во конкретниот случај сомненијата упатуваат на особено тешко кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор, што го прави ризикот од бегство значителен, а од извршувањето на делото осомничениот веќе презел дејствија за прикривање на трагите, соопшти Обвинителството.
Имајќи ги предвид овие околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство и можност осомничениот да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, сокривање или уништување на трагите на кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.
Фото: Принт скрин „Јади бурек“






