На површина од околу 50 километри на територија на трите општини – Штип, Карбинци и Радовиш се очекува да започна градежните работи за поставување на ветерниот парк на Алксазар Енерџи, со планиран инсталиран капацитет до 396 MW. Денеска со настаните во Штип и селото Шашаварлија започнаа јавните презентации пред заинтересираните граѓани на Стратегиската оценка за влијанието на проектот врз животната средина и животот на граѓаните кои се засегнати со ветерниците.
Документот пред заинтересираните во Штип беше претставен како „сеопфатна проценка на потенцијалните влијанија врз животната средина и општеството, заедно со јасно дефинирани мерки за ублажување и следење за да се осигури дека сите влијанија остануваат ограничени, локализирани и одговорно управувани“.
Ветерниот парк, што е најавен од 2024 година, опфаќа поставување на 54 ветерни турбини, изградба на далновод за поврзување со постоечката државна мрежа, трафостаница, реконструкција преку проширување на постоечките патишта и изградба на нови, внатрешни патишта – вкупно 68 километри, како и систем на подземни кабли од 35 кВ. Проектот ќе опфаќа 335 хектари земјиште, во најголем дел (89%) е државно земјиште, додека остатокот е приватен имот, кој е во фаза на откупување и регулирање на сопственичките односи. Ќе опфати и 7,7 хектари шума. Ветерниот парк годишно се очекува да произведува над 1340 GWh струја, со работен век меѓу 25 и 30 години.
Изградбата кој почнува на лето, треба да заврши и ветерниот парк да биде во функција во 2029 година. За тоа време овој простор меѓу трите општини, ќе биде претворен во градилиште, каде се очекува да работат околу 600 луѓе вкупно за сите активности. Потоа, на терен за одржување на ветерниот парк со обезбедувањето остануваат од 30-40 луѓе.
Во делот на влијанието на животната средина, како што беше речено на денешната јавна презентација, засегнати се 7 видови на птици грабливки поради опасноста од судир, како и лилјаците. Се планираат мерки за пренасочување на птиците.
Пет села – Љуботен, Балталија, Никоман, Шашаварлија и Бучим ќе имаат во близина ветерни турбини, чии жители би можеле да бидат изложени на бучава, ефект на треперење на сенки, што може да се јави во позадина на дваесетина од 54-те турбини. Во случај на бучава може да се вклучи мод со побавно вртење или намалување на бучавата до 1-2 децибели, додека за сенките што се јавуваат на изгрејсонце и на зајдисонце, да се паузира работата на турбините.

Ќе бидат изработени 24 специфични планови, кои ги адресираат прашањата од засегнатите аспекти од Студијата. Акцискиот план понатаму треба да се следи и почитува од инвеститорот Алказар Енерџи, што според ангажираните консултанти и претставници на компанијата денеска во Штип, е обврска која е преземена и со потпишаниот договор за финансирање од меѓународните финансиски институции.
Со проектот се засегнати 216 жители од просторот каде ќе се поставува ветерниот парк, кои со откупувањето на земјиштето остануваат без средства за живот, кои ќе добијат соодветен надоместок. Паралелно со подготовките за почеток на градежните работи, се средуваат и правните, со приватните сопственици каде има случаи на нерешена сопственост со повеќе наследници на еден имот и со сите нив треба да се потпишат договорите.
Некои од присутните граѓани се интересираа кога ќе почнат работите за да знаат кога треба да ги напуштат имотите. Сопственик на 8 декари лозје кај Љуботен се интересираше дали ќе може да заврши земјоделската сезона. Имаше и прашања за заштита од пожари, на што беше одговорено дека во текот на градењето има строги протоколи на забрана на палење цигара, а потоа и патролирање. По завршувањето и поставувањето на ветерниот парк, граѓаните слободно ќе може да се движат низ просторот.
Алказар Енерџи покрај штипскиот ветерен парк, гради уште три вакви центри во светот – во Србија, кај Панчарево, кај Шавник во Црна Гора и најмоќниот во Египер кај Суец со капацитет 500 MW.
Ветерниот парк меѓу Штип, Радовиш и Карбинци е инвестиција од околу 500 милиони евра, што го прави најголемиот проект за обновлива енергија во Македонија досега.






