Децата на загинатите и повредените од Пулс ќе бидат ослободени од трошоци за градинка во Кочани

Управниот одбор на јавната општинска установа Детска градинка „Павлина Велјанова“ во Кочани усвои предлог-мерка со која се предвидува целосно укинување на трошоците за згрижување на деца чии родители настрадаа или беа повредени во несреќата што ја потресе јавноста. Оваа иницијатива опфаќа сите објекти во рамки на установата, со цел да се обезбеди барем делумно олеснување за семејствата што се соочуваат со тешки последици, јавува кочанската телевизија Канал 8.

Според предлогот, финансиското покривање на овие услуги ќе се реализира од сопствени извори на градинката, односно преку средства обезбедени од нејзините самофинансирачки активности. По стапувањето во сила, за практичната имплементација ќе бидат задолжени административните служби и сметководството на установата.

За да го остварат правото, родителите или старателите ќе треба да достават барање, придружено со соодветна документација – како потврди од надлежни институции или други релевантни докази за настанатата состојба.

И покрај тоа што предлог-одлуката е веќе формулирана, нејзиното конечно усвојување зависи од одобрување од страна на Совет на Општина Кочани, по што ќе може и официјално да се применува.

Трагедијата во „Пулс“, која одзеде 63 човечки животи, освен што нанесе тежок удар врз животите на луѓето, остави и бројни семејства во финансиска неизвесност, а отвори и поширока дебата за правата на семејствата на директно погодените, како ослободување од партиципација при лекување, во образованието и социјалните услуги.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ