Утре во Кочани ќе се одржи 40- тиот Марш за ангелите со почеток од 16:05 часот со старт од Паркот на Револуцијата во Кочани.
„Четириесетти пат чекориме заедно. Четириесетти пат со болка, со љубов и со непоколеблива решеност нашите ангели никогаш да не бидат заборавени.
Една година бараме вистина.
Една година бараме одговорност.
Една година чекаме вистинска правда.
И нема да застанеме.
Ќе чекориме сè додека не ја добиеме правдата што нашите деца ја заслужуваат. Ќе чекориме сè додека вистината не излезе целосно на виделина.
Ќе чекориме затоа што љубовта кон нашите ангели е посилна од тишината и заборавот.
На овој марш ќе зборуваме и за молкот на институциите, кој и по оваа трагедија не ја разбуди и не ја освести оваа држава. Ќе зборуваме за одговорноста што сè уште ја чекаме, за прашањата што останаа без одговор, за тишината што премногу долго трае и за вистинската причина за смртта на нашите најмили, за која семејствата сè уште очекуваат целосна и јасна вистина.
Ги повикуваме сите родители, семејства, пријатели, сограѓани и сите луѓе со совест да ни се придружат. Да одвоиме еден час за спомен, за поддршка и за заеднички глас дека Кочани нема да молчи и нема да запре додека не ја добие вистинската правда.
Еден час за нашите ангели.
Еден чекор поблиску до правдата.“ – стои во соопштението на семејствата на загинатите.






