Шест дена дружење и едукативни, креативни и културни активности насочени кон градење пријателство, меѓусебна доверба и интеркултурно разбирање ќе останат во заедничко паметење на 30 млади 15 од Приватната гимназија „Живорад Јанковиќ” од Нови Сад, Србија, и 15 ученици од ООУ „Маврово – Ростуше”. Во периодот од 29 март до 3 април 2026 година, во Ростуше се реализираше втората мобилност во рамките на проектот „RYCO Superschools” насловен „Мирот го бои светот” меѓу овие две училиште од двете соседни земји под менторство на нивните професори Самет Абдули и Драгана Велјаноска.
Преку интерактивни работилници тие работеа на надминување на стереотипите и предрасудите, развивање асертивна комуникација и поттикнување дијалог помеѓу различните култури. Во рамките на програмата беше изработен мурал со пораката „Peace colors the world”, како симбол на заедништво и мир, а беа реализирани и спортски активности што ја зајакнаа тимската работа и солидарноста.

Беше одржана и еко-работилница „Промените тргнуваат од нас”, по што учениците потпишаа заедничка декларација за заштита на животната средина и засадија „Дрво на пријателството” како траен белег на оваа соработка.
Учениците имаа можност да ги посетат и природните и културно-историските знаменитости на регионот, меѓу кои водопадот Дуф, Мавровското Езеро, пештерата „Шаркова дупка”, Новата и Старата Џамија во Ростуше, како и манастирите „Св. Јован Бигорски” и Раичкиот манастир.
Во рамките на размената се одржа и етичка работилница посветена на универзалните вредности – мир, толеранција, емпатија и хуманост, како и културно-уметничка програма исполнета со традиционални песни, ора и заеднички хорски настап на сите ученици. Преку работилницата за традиционална кујна младите ја претставија гастрономијата на реканскиот регион, а дел од подготвената храна беше споделена со локалното население како гест на солидарност.
Размената заврши со емотивно испраќање на гостите, со порака дека пријателството изградено овие денови ќе продолжи и во иднина.
Проектот уште еднаш покажа дека младите можат да бидат вистински амбасадори на мирот и дека преку соработка и почитување на различностите – мирот навистина го бои светот.







