Билатералниот Договор за социјална сигурност помеѓу Република Македонија и Република Италија кој беше е ратификуван од страна на Собранието на Република Македонија на 27 октомври 2014 година, се’ до неодамна стоеше во некоја фиока на Парламентот на Италија. Поради тоа, неколку десетина македонски државјани, кои работеле како сезонци во Италија, не може да го остварат правото на пензија во Македонија, поради административниот застој со евиденција на стажот. Со тоа, реално имаат исполнето услов за пензија во Македонија, но практично не можеа да добијат решенија, па некои од нив живеат со социјална помош.
Веќе пишувавме дека во исчекување на италијански потпис, од осамостојувањето до сега, при обработката на предметите за права од ПИО, а кои се поврзани со Република Италија, се применуваше Конвенцијата за социјално осигурување склучена помеѓу Федеративна Народна Република Југославија и Република Италија и потпишана на 14 ноември 1957 година. Интересно е дека оваа Конвенција од минатиот век, се’ уште е во сила, додека нашиот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување не добие известување дека Билатералната спогодба од 2014 година, е во сила.
Југославија одамна не постои, но „жив“ е документот за пензиите стар 69 години
Конечно, договорот е ратификуван во октомври 2025 година, но како што информираа од ПИОМ за Канал 77, се’ уште се применува старата Конвенција од ФНРЈ од 1957 година.
-Од страна на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на РМ е известен дека Договорот за социјална сигурност помеѓу двете држави е ратификуван и во Република Италијa, а Законот за ратификација на Договорот е објавен во Службен весник на Италија број 250 од 27.10.2025 година. Фондот на пензиското и инвалидското осигурување Ве информира дека 1957 година и истата ќе се применува до влегување на сила на новиот Договор. Фондот на ПИОМ кога ќе биде известен од страна на надлежните органи дека Договорот за социјална сигурност помеѓу Република Македонија и Република Италија е влезен во сила, ќе започне со неговата примена во пракса“, одговорија од ПИОМ за Канал 77.
Договорот влегува во правна сила додека двете држави не ги разменат официјалните документи. Дури по таа размена, македонските граѓани ќе можат да ги користат новите правила за признавање на стаж и исплата на пензии.
Договорот е ратификуван пред 7 месеци, но се’ уште не е во правна сила
Со ратификувањето на Билатералниот договор со Италија се засегнати македонски државјани кои живеат во Македонија, но и нашинци во Италија. Секако најзагрозена категорија се граѓаните кои неколку години работеле како сезонски работници во Италија и според италијанскиот закон не можат да остварат право на пензија. Во Италија, за да се добие право на пензија, вклучувајќи и дополнителен пензиски додаток, потребни се најмалку 20 години придонеси за стандардна старосна пензија, но овој договор овозможува спој на работниот стаж со цел остварување на пензија во Македонија.
-На овие наши граѓани им треба официјален одговор од Италија со евидентиран стаж и негативно решение (одбиени) за да можат да ја продолжат постапката во Македонија, како што веќе имавме еден ваков случај во кој посредувавме со бесплатна правна помош. Граѓанинот конечно оствари право на пензија, случај, што може да се земе како пример и да се постапува и за десетината други вакви случаи пред нашиот ПИОМ, изјави Зоран Биковски од здружението „Жена“ од Делчево, кој со години работи на асистирање на овие граѓани.
Во Делчево и околниот регион, според Биковски, има над десетина вакви случаи, додека во државата се над стотина.
Примената на билатералниот договор во пракса значи дека работниот стаж остварен во Италија ќе се брои заедно со стажот во Македонија. На пример, ако некој има 10 години стаж во Македонија и 10 години во Италија, ќе може да оствари право на пензија со вкупно 20 години. Исто така, секоја држава ќе исплаќа пензија за стажот остварен на нејзина територија. Италија ќе исплаќа за италијанскиот стаж, Македонија за македонскиот. Работникот ќе добива две пензии, кои заедно ќе го сочинуваат неговиот вкупен износ.
Заклучно со 31. декември 2025 година, Фондот на ПИОМ во Италија исплаќал пензии на 147 корисници.
В.К.
Фото: Фрипик







