Денеска во Штип започна процесот на оценување на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ), што претставува клучен чекор во нејзиното сертифицирање како НАТО-декларирана единица, кој ќе се одвива во рамки на теренската тактичка вежба „Блесок 26“.
Активностите се реализираат на повеќе локации низ државата, меѓу кои и во касарната во Штип, како и на армискиот полигон Криволак. Во вежбата се вклучени околу 1.500 припадници на Армијата, а целиот процес се одвива под надзор на НАТО-монитори и сертифицирани национални оценувачки тимови.
Оваа фаза има за цел да ја потврди оперативната способност на единицата преку симулирани реални услови и сценарија, со акцент на командувањето, координацијата и логистичката поддршка. Вежбата претставува продолжение на серијалот „Македонски Блесок“ и е насочена кон проверка на усогласеноста со НАТО-стандардите.

„Започнаа подготовките на тимот за проверка и оценување на борбената готовност на баталјонската борбена група. За таа цел тим од 40 сертифицирани НАТО оценувачи беше формирана групата и истите го започнаа повеќе од девет месечниот процес за подоготовка за проверка на борбената готовност. Се разбира целокупниот процес на подготовка беше во координација и корелација со командата на копнени сили и со одредените НАТО монитори за моноторирање на целокупниот процес. Во планирачкиот процес на оценување на борбената баталјонска група беше во корелација со раководството и директоратот на вежбата „Блесок 2026“, која што ќе биде искористена за проверка и оценување на сите потребни критериуми за сертифицирање на баталјонската борбена група“ вели потполковник Горан Кимов, кој е директор за оценување на Лесната пешадиска батлјонска група.
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, претходно на брифинг со новинарите истакна дека „Блесок 26“ е значајна етапа во процесот на оценување на единицата.
„Еден од клучните аспекти е проверка на системот за командување и контрола со цел идентификување можности за негово понатамошно подобрување и поефикасно функционирање“ – посочи Лафчиски.

Според него, преку ваквите активности се тестираат борбената готовност и интероперабилноста на единицата, што е предуслов за нејзино учество во меѓународни операции.
Оценувањето го спроведува тим сертифициран од НАТО, а процесот се следи и од претставници на мултинационалните копнени сили.
Очекувањата на надлежните се дека по завршувањето на вежбата, ЛПБГ ќе ја потврди својата подготвеност за извршување задачи во рамки на НАТО-операции, со што дополнително ќе се зајакне улогата на Армијата во колективната безбедност.






