Вкупно 11 милиони должи општина Струмица на членовите на избирачките одбори надоместок за спроведување на гласањето. Опозициската СДСМ ја повика Општината Струмица да си ја исполни законската обврска и да ги исплати граѓаните. Општината одговори дека претходната власт на СДСМ предвидела само една десетина од потребните средства.
-Буџетот за 2026 година е ваш. Целосно планиран од вас, целосно ваша одговорност. Тука завршува вашето алиби. Повеќе од 7 месеци не ги исплаќате луѓето кои работеа на изборите. Обврска што била позната и морала да биде предвидена, а денес свесно ја игнорирате, реагираа со соопштние од ОО на СДСМ од Струмица.
Од општината Струмица се оправдаа дека се „ограничени поради големите долгови направени со претходно лошо менаџирање“.
-За жал, во Буџетот за 2025 година, Локалните избори биле предвидени само со една десетина од средствата за кои станува збор. Инаку, станува збор за обврска од над 11 милиони денари. Во меѓувреме, Општината репрограмира и исплаќа големи долгови и камати од 2024 и 2025 година, одговорија од општината.
Во општинското соопштение се вели дека се подготвуваат средствата и „во првата прилика на прилив ќе бидат доставени до сметките на граѓаните кои учествуваа во избирачкиот процес на гласачките места“.






