Синот на Деко бара близу 25 илјади евра оштета за кршењето на Класик кафе

Фирмата БИТ ТИМ на Михаил Јованов, синот на газдата на Пулс, Дејан Јованов Деко, бара нешто помалку од 25 илјади евра оштета за искршените излози и инвентар на вториот нивни локал, кафе барот Класик во Градскиот трговски центар во Кочани.

Судскиот процес започна по приватна тужба на Михаил Јованов против 8 млади кочанчани кои самиот ги идентификувал по насилствата тој ден во Кочани.

Демолирањето се случи на 17-ти март, ден по ужасната трагедија во дискотеката Пулс, во која загинаа 63 лица, а 211 беа повредени. Тогаш протестот кој започна мирно за миг излезе од контрола, па гневната маса, претежно млади луѓе, роднини и другари на загинати и повредени, ги искршија излозите и дел од инвентарот како столици, маси, телевизори и украсни растенија во внатрешноста на кафе барот.

Инаку, на денешниот втор обид за мирење меѓу двете страни се појави адвокатката на Јованови и во двата процеси, „Пулс“ и „Класик кафе“, Ивана Коцевска, но не се појави и тужителот Михаил Јованов, кој има право да присуствува на процесот, иако е со мерка притвор како второобвинет за предметот „Пулс“.

На прашање на судот до адвокатката Коцевска, зошто Јованов не се појави на судењето, таа одговори дека „имале известување дека некои од обвинетите нема да се појават“, на што судот посочи дека немало никакво известување, ниту може да се прејудицира дали обвинетите ќе се појават, по што таа го промени ставот и рече дека „имале сознанија“, а не дека „биле известени“. Коцевска додаде и дека Михаил Јованов не се чувствувал добро и дека во рок од три дена до судот ќе достави медицинска белешка дека неговото отсуство е оправдано од здравствени причини.

Ивана Коцевска, адвокат на БИТ ТИМ, фирмата на Михаил Јованов

Во однос на обвинетите млади кочанчани, на рочиштето присутни беа дел од нив, кои имаа четворица адвокати, по еден за второ обвинетиот, еден за четврто и петто обвинетите, еден за шесто обвинетиот и еден за осмо обвинетиот кој не беше присутен, но имаше свој полномошник.

Судијата заклучи дека не се исполнети условите за одржување на рочиштето од причина што не е присутен Михаил Јованов и дел од обвинетите и што адвокатот на второ обвинетиот, кој се приклучи на процесот денеска, е во духовно сродство со судијата. Токму поради последната причина, судијата најави и Барање за изземање од процесот до Претседателот на Апелациониот суд Штип согласно членот 33 став 2 од Законот за кривична постапка.

„Јас како судечки судија уште во текот на денешниот ден ќе упатам Барање за изземање до Претседателот на Апелациониот суд, а заради економичност на постапката и веднаш по донесувањето на Одлуката од страна на Претседателот на Апелациониот суд Штип и во зависност од истата ќе биде одлучено за понатамошниот тек на постапката. Доколку не бидам изземен од постапување во овој предмет, веднаш од моја страна како судечки судија итно ќе бидат преземени дејствија за да се упатат покани до странките за рочиштето. Доколку, пак, бидам изземен од постапување по овој предмет, предметот веднаш ќе биде распределен кај судија кој што работел со кривично правна материја, без оглед на годишниот распоред за работа на судиите од Основниот суд во Кочани“ – изјави судијата на предметот, Спиро Борисов.

Бранителите на обвинетите млади кочанчани

Судот ја задолжи Коцевска во рок од три дена да достави доказ за оправданоста за неприсуството на Јованов на денешното рочиште за мирење на странките.

Од одбраната на дел од младите кочанчани изнесоа само краток став дека „нема услови за спогодба“, што значи дека младите нема спогодбено да прифатат да му ја надоместат штетата на Јованов, туку ќе докажуваат дека барањето на Јованови е неиздржано.

Поддршка за младите кочанчани има од дел од родителите на загинатите во дискотеката Пулс, кои присуствуваат на рочиштата како јавност. Тие, исто така, го делат мислењето дека барањата на Јованови за оштета се неиздржани:

Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова и претседател на здружението на семејствата на загинатите од дискотеката Пулс

„Особено индикативно е што, и покрај блокадата, сметката евидентирала приход во износ од 4.000 денари, што отвора основано сомнение за незаконито располагање со средства и заобиколување на законските забрани. Понатаму, тужителите не приложуваат ниту еден валиден доказ со кој би се утврдила сопственост или право на користење на предметниот имот. Истиот не е внесен како основачки влог, како што тоа е задолжително согласно Законот за трговски друштва, не постојат фактури, договори, ниту било каква сметководствена и финансиска евиденција што би го потврдила неговото постоење како дел од имотот на фирмата. Отсуството на основни правни и финансиски докази јасно укажува дека наводните побарувања се неосновани, фиктивни и без правна основа, а бараните суми се насочени исклучиво кон покривање на трошоци за адвокатски услуги и водење на судски постапки, што претставува злоупотреба на судската заштита и обид за неосновано стекнување“ – вели Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова.

Судењето е одложено на неопределено време до одлуката на Претседателот на Апелациониот суд во Штип.

(К.М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ