Македонскиот денар е меѓу најубавите светски банкноти, но колку е загрозен од светската криза?

Во турбулентно време на хиперинфлација, новата македонска држава со објавувањето на националната валута денар на 26 април 1992 година, го прогласи своето монетарно осамостојување. Беа отпечатени и првите македонски банкноти, дело на македонски уметници чии креации базирани на македонската историја, уметност и култура, се’ уште се сметаат за едни од најубавите во светската нумизматика.

Потсетувајќи на овие славни денови, универзитетскиот професор Љубе Трпески, како еден од петте членови на комисијата за создавање на денарот, рече дека се радувал како дете кога отишол во маркет и забележал како македонските граѓани ја прифатија својата нова валута. Но, во исто време, во тие времиња граѓаните живееја со огромна инфлација.

-Инфлацијата во тоа време дневно растеше како што е денеска на годишно ниво. Дневно се обезвреднуваше валутата, и тогаш највредни луѓе беа уличните дилери, кога граѓанинот кога ќе ја подигнеше платата трчаше кај дилерите да ги замени во германски марки, вели Трпески.

Тогаш Трпески како професор на Економскиот факултет, заедно со колегата Ксенте Богоев, како луѓе од науката и првиот премиер, Никола Кљусев, Методија Тошевски, министер за финансии и Борко Станоевски, поранешен гувернер на НБРМ ја сочинувале комисијата за создавање на македонската валута. Трпески го памети и времето на конфликтот во 2001-та година, кога од буџетски суфицит поради војната дојдовме до 12 отсто од БДП дефицит.

-Со остра и рестриктивна монетарна политика успеавме да ја одржиме стабилноста на денарот. Ако дојдат такви времиња, новиот гувернер ќе мора да покаже храброст, рече Трпески, според кого, денарот се одржува благодарение на конзервативната монетарна политика што ја водат Народната банка и Министерството за финансии.

Сепак, економистот не смета дека треба да им се удоволи на некои од бизнисите, кои бараат денарот да биде врзан за еврото, кое поради настаниот од Блискиот Исток загуби на својата вредност.  

-Ако продолжи кризата „здравјето“ на денарот не може да го наруши, но ќе има последици на економијата,  а со тоа како ќе слабее еврото, (ние сме врзани со еврото), ќе слабее и денарот. Но, се надеваме дека ќе заврши брзо војната и нема да има такви тешки последици, рече Трпески во Штип, каде на Економскиот факултет беше одбележана 34-годишнината од создавањето на македонската валута.

Првите денари биле изработени брзо по осамостојувањето, со цел државата да добие сопствена валута. Дизајнот бил координиран од Народна банка, а во процесот учествувале македонски уметници и странски печатници.

Банкнотите содржат мотиви од македонската историја и култура, археолошки предмети, фрески, споменици. Десетденарката е со фрагменти од фрески од лице и традиционални орнаменти од опачина,  фокусот е на духовно и културно наследство. Педесетденарката е со лице на антички артефакти, од опачина со мотиви од археолошки локалитети;  100 денари со детали од фрески од Света Софија во Охрид и архитектонски елементи ; 200 денари со македонска народна носија и орнаменти и етнолошки мотиви; 500 денари со ликот на Кочо Рацин и сцени поврзани со неговото творештво од опачината.  1000 денари – со ликот на Никола Карев и историски мотиви од Илинденско востание од опачината и 2000 денарката со ликот на Јустинијан I.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ