Казна доживотен затвор доби штипјанецот Денис Асанов за бруталното убиство на штипјанката Борјанка Николова, која лани во октомври најпрво беше брутално претепана, а потоа и заклана во куќата на Денис Асанов во штипската населба Широк Дол. Откако била убиена, телото на Борјанка било исечено на повеќе делови, од кои трупот и рацете биле закопани во дворот на Асанов, а нозете и главата биле однесени на друга локација.
Претходно, во завршните зборови на 21 април Обвинителството во своето излагање посочи дека има цврсти докази дека убиецот и касапот на телото на Борјанка е 74-годишниот Денис Асанов, во чија куќа Борјанка дошла доброволно кон крајот на септември 2025, но не била пуштена да си замине, а по повеќе денови престој, во октомври 2025 била претепана, при што се здобила со скршеници на ребра, а потоа и убиена со сечење на гркланот со нож.
Одбраната, пак, тогаш тврдеше дека не постојат цврсти докази дека извршителот на убиството е Асанов и бараше ослободителна пресуда.
Денис Асанов пред истражните органи ја признал вината, но подоцна за време на судењето пред судот се изјасни за невин.
(К.М.)







