Васе Анакиев со 50 илјади евра бил уапсен во зградата на министерот за земјоделие, тврди пратеничката Славјанка Петровска

На денешната седница за пратенички прашања, пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, постави прашање до министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во врска со апсењето на директорот на Државниот инспекторат за земјоделие, Васе Анакиев, кој според Петровска, бил уапсен во гаражниот простор на зградата во која живее министерот за земјоделие, Цветан Трипуновски:

„На 19 март оваа година МВР и БЈБ спроведоа акција за сузбивање на поткуп и го уапсија директорот на Државниот инспекторат за земјоделие. Имаше едно скромно соопштение, срамежливо, немаше многу детали, освен дека е уапсен за поткуп во висина од 50 илјади евра. Потоа не чувме ништо дополнително, никакви објаснувања, но една фотографија која беше објавена од чинот на апсење на медиумите всушност ја откри вистината која МВР сакало да ја скрие. Ако внимателно се погледне оваа фотографија, која намерно или ненамерно е направена прилично тесно, позадината да не се гледа многу. Меѓутоа има едни ознаки на фотографијата кои откриваат, а некој што знае ја шепнал локацијата каде таа фотографија е направена. Од поширок агол се гледа многу поубаво. Локацијата каде е уапсен директорот никогаш не беше кажана во јавност, намерно или ненамерно, таа е локацијата во гаражи кои водат до домот на министерот за земјоделие. Каква случајност. Доказ за тоа е овој имотен лист кој потврдува дека на оваа локација на улица „Матеја Матевски“ стан има министерот за земјоделие. Тоа никогаш не беше кажано ниту во прес конференција, ниту во соопштението. Од тука моето јасно прашање до вас е: Дали вие или некој друг, свесно и намерно, во МВР ја прекина операцијата, односно го упаси директорот пред тој да ги достави парите до министерот за земјоделие? – праша Петровска.

Во својот одговор до пратеничката, министерот Тошковски не негираше дека актуелниот министер има стан во истата зграда, но посочи дека опозицијата креира тези:

„Морам да признаам дека инвентивно сте од ден на ден подобри во креирање тези кои што се поблиску до научна фантастика отколку до реалност. Секоја чест, тоа е ваша одлука, ваш избор. Прашањето кое што го поставивте од аспект на тоа кој каде живее, каде престојува, и дали престојувал некој министер, сегашен или поранешен, согласно моите информации кои што ги добив непосредно пред неколку секунди, во рамки на тој објект живеат многу поранешни и сегашни министри, да не специфицирам, не сакам да нарушам ничија приватност. Зошто лицето е апсено на локацијата каде што е апсено, е затоа што таму ги примило средствата. Кој друг живее во тој објект, искрено, не знам.“ – одговори министерот Тошковски.

На 19 март годинава во полициска акција во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција беше уапсен директорот на Државниот инспекторат за земјоделие, Васе Анакиев. Анакиев е уапсен поради сомнение за примање мито во износ од 50.000 евра.

(К.М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ