Грција се’ уште не одлучила за враќање на стариот систем на границите, додека ЕУ нема против за паузирањето на ЕЕС на грчка граница

Одделните земји – членки во Шенген зоната можат самостојно да одлучат дали привремено ќе се стават вон сила системот за влез и излез (ЕЕС) и тоа може да го направат ад-хок. Ова беше одговорот на новинарско прашање на портпаролот на ЕУ на попладневната прес конференција во Брисел. При тоа, како што беше објаснето, при поголеми гужви на границите, прекинот на собирањето на биометриски податоци може да се направи веднаш, за што ЕУ има разбирање, бидејќи системот предвидува таква флексибилност. Што значи, грчката влада може без проблем со ЕУ да удоволи на барањето на туристичките агенции од Македонија и за време на летната сезона да го врати стариот систем на поминување на границите само со пасош, без сликање и отпечатоци на прсти.

Дали грчката влада целосно ги суспендира новите гранични правила, беше новинарското прашање, дополнувајќи го со писмото што авиокомпанијата Рајанер го испрати до ЕУ во кое бара да го суспендираат системот за влез и излез до септември, велејќи дека Грција тоа веќе го направила.

Портпаролот Маркус Ламер рече дека низ системот функционира многу добро  и од октомври 2025 регистрирани се повеќе од 61 милион влезови и излези, како и речиси 30.000 одбивања за влез. Вкупно 770 лица се идентификувани како закана за безбедноста на Унијата и не биле пуштени да влезат.

-Имаме многу брзо време на обработка во голем број земји-членки. Просекот е околу 70 секунди, а во некои земји е 30 секунди. Постои мал број земји каде што се откриени технички проблеми, што е очекувано во првите денови од воведувањето на ваков голем систем. Ова е нормално. Комисијата ќе продолжи да дава потребна поддршка, но тоа е, секако, на земјите-членки на терен да видат и да коригираат какви било проблеми што може да се појават, рече Ламер.

Одговорајќи конкретно за можноста од времена суспензија на системот,  рече дека системот има вградена флексибилност.

-Тоа значи дека до крајот на летото постојат можности во ситуации на големи гужви властите да суспендираат одредени функционалности на системот, особено оние што одземаат најмногу време – регистрацијата на биометриски податоци. Ова е дозволено во системот и веќе се користи од страна на властите на земјите-членки. Тешко е да се следи, бидејќи може да се прави ад-хок, секојдневно. Тоа е нормално, и ги охрабруваме земјите-членки да ги користат можностите што ги имаат за да системот функционира правилно, одговори портпаролот Ламер.

На прашањето за временото враќање на стариот систем на премин на границите одговараше и Павлос Маринакис, портпарол на грчката влада на денешниот брифинг со новинарите. Кратката верзија на неговиот одговор е дека Грција се’ уште не одлучила по барањата на македонските и српските туроператори.

-Грција ќе ја процени ситуацијата на поединечните точки за влез-излез и ќе преземе соодветни мерки предвидени во европската Регулатива, со цел, од една страна, да се опслужи зголемениот број патници, а од друга страна, да се биде во согласност со одредбите и барањата на наведената Регулатива“, одговори Маринакис.

Минатата недела Туристичката комора при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) упати барање до Министерството за туризам на Грција за привремено одложување на примената на новиот Entry/Exit System (EES) на граничните премини за македонските државјани. Привремената суспензија би важела за време на туристичката сезона, во периодот од 1 јуни до 1 септември 2026 година.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ