Со решение потпишано до градоначалникот на Карпош, Сотир Лукаровски, за негов заменик е назначен Неделчо Крстевски, член на Совет на општината, кој е поранешен портпарол на Град Скопје во време на Коце Трајановски.
Крстевски ќе го заменува Лукаровски, додека тој е отсутен од здравствени причини, потврдуваат од општина Карпош.
Веќе подолго време некои од порталите шпекулираат дека Лукаровски сакал да си замине и напушти градоначалничката функција и да му се врати на бизнисот. Наводно, веќе разговарал со лидерот на ВМРП ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, да бара решение, односно негова замена.
Законски, градоначалникот може да назначи свој заменик во име на некој од советниците, со тоа што привремено ќе го заменува во неговите обврски.
Поранешниот градоначалник и ривал на последните Локални избори лани во октомври, Стевчо Јакимовски на социјалните мрежи напиша дека „шест месеци Карпош живее во целосен застој’ и „не може Карпошани да гласаат за еден човек, а ВМРО-ДПМНЕ потоа да им поставува друг да ја води општината“.
„Не може избран градоначалник да се крие зад партиски заменик, зад адвокати, секретари, супервизори и партиски штабови, а одговорноста да исчезне како ништо да не било.
-Уште од првиот ден, ВМРО-ДПМНЕ воведе колективно раководење во Карпош. Имаме наводен секретар без кој, како што велат, не може ни мува да помине. Имаме нови луѓе во урбанизмот. Имаме канцеларија за советничка која изигрува правник. Имаме надворешен супервизор со канцеларија. Имаме претседавач кој цел ден кисне во општината. И згора на сè — уште двајца адвокати кои до доцна во ноќта го проверуваат секој акт. Значи, Карпош не доби градоначалник. Карпош доби колективно претседателство како во пост-Титова Југославија, напиша Јакимовски.






